Новиот предлог-закон за заштита од пушење е еден од најдобрите закони што директно го засегаат здравјето на сите наши граѓани. Да ја заштиме повозрасната популација, но и она што е најбитно – и најмладите н- изјави денеска проф. д-р Оливер Зафировски, директор на Клиниката за пулмологија и алергологија во Скопје.

Според статистиката, како што истакна, границата за консумирањето тутун веќе е падната на 12 до 14 години и сè повеќе млади деца почнуваат со користење тутун.

– Она што е пострашно е што сè повеќе во мода се електронските цигари. Иако има пропаганда дека тие воопшто не се штетни, напротив, тие се штетни и даваат долготрајни и тешки последици за нежните бели дробови на децата. Даваме поддршка затоа што ова не е казна, туку сакаме директно да ги заштитиме како помладите така и возрасните луѓе бидејќи една од основните причини за појава на белодробен карционом е никотинот, односно пушењето цигари – рече Зафировски.

Одговорајќи на новинарско прашање за откажување од пушење, Зафировски рече дека на Клиниката имаат психолог и цел дел кој работи за одвикнување од никотинска зависност.

– Иако нашиот психолог е врвно едуциран за тоа, луѓето доаѓаат, но многу мал број ја завршуваат цела сеанса за да дојдеме до конечно откажување од зависноста од никотин. Ние ќе останеме посветени и ќе почнеме да работиме и со помладите. Ќе имаме еден проект со средните училишта и со осмолетките за да почнеме и во почеток да знаеме колку значи таа зависност од пушење – вели Зафировски. Додаде дека кај нив на Клиниката најмладите што дошле се мал број, но потоа тешко сакаат да доаѓаат и да прифатат да го поминат цел третман за одвикнување од пушење.

Директорот Зафировски посочи дека мора и медиумите да направат кампања, во која, како што рече, ќе објасниме што значи рано почнување со зависност од никотин, односно пушење цигари, кое е многу штетно.

– Не само белите дробови, оштетени се и срцето и сите други системи. Затоа велиме дека ова е еден од најдобрите закони што сакаме и да се спроведува. Сè во интерес на нашите граѓани – изјави Зафировски.

Директорот на Клиниката за пулмологија и алергологија рече дека сакаат во наставата да има барем еден час во неделата за да се дискутира за сè она што е проблем, што е лошо за нивното здравје и младите да разберат дека најдобро е да ги остават цигарите.

– Доста е. Престанете. Има надеж. Оставете ги цигарите и навистина ќе видите колку ќе биде подобро – порача Зафировски.