Во Собранието денеска ќе заседава Комисијата за образование, наука и спорт, на чиј дневен ред е Годишниот извештај за работата на ректорот на Универзитет „Гоце Делчев” – Штип за периодот 2024-2025 година.
Во Извештајот објавен на веб-страната на Собрание се посочува дека приклучувањето на УГД кон Европската универзитетска алијанса ACE²EU претставува клучен момент во развојот на Универзитетот. Со ова, како што се посочува, Универзитетот е интегриран во еден заеднички европски кампус кој овозможува развој на заеднички студиски програми, признавање на заеднички микроквалификации, засилена интернационална мобилност, заеднички истражувачки инфраструктури и зголемена институционална конкурентност и видливост во европскиот образовен и истражувачки простор.
-Периодот 2024/2025 година е од особено значење бидејќи Универзитетот активно ја развива својата улога во рамките на Европската универзитетска алијанса ACE²EU, како рамноправна членка заедно со осум други европски универзитети. Во овој период беа реализирани повеќе заеднички активности и проекти во насока на интеграција на академските, истражувачките и иновациските процеси, со што се зацврстува позицијата на Универзитетот како модерен европски универзитет кој активно придонесува во создавање на заеднички европски простор на високо образование и истражување, се вели во Извештајот.
И во овој период, како што се наведува во извештајот, Универзитетот останува препознатлив по својот современ пристап
во високото образование со користење на голем број дигитални алатки и платформи, како е-индекс, е-учење, е-репозиториум, е-библиотека, е-журнали, е-календар, е-распоред.
-Во овој извештаен период беа направени значајни подобрувања во интеграцијата на овие системи, како и активности поврзани со развојот на интерниот портал за колаборација и комуникација и подготовката на оперативната рамка за дигиталниот меѓуниверзитетски кампус (е-Campus) во рамките на ACE²EU алијансата. Преку овие активности, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип ја потврдува својата водечка улога во високото образование во државата и регионот, демонстрирајќи пример за современо управување, европска поврзаност и постојан стремеж кон квалитет, иновации и меѓународна препознатливост. Овој Извештај за работа на ректорот дава севкупна слика за реализираните активности во академската 2024/2025 година и претставува основа за идните развојни чекори на Универзитетот, се вели во Извештајот на УГД-Штип.




