Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски објави дека до Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција е поднесена кривична пријава против 10 лица, осомничени дека се поврзани со нелегално производство и пуштање во промет наркотична дрога. Двајца од осомничените веќе се во 48-часовен притвор, а истрагата што ја води МВР во координација со Обвинителството е поврзана и со дрогата пронајдена во соседна Србија, за која постојат индиции дека потекнува од производствени капацитети за т.н. медицински канабис во државава.
Министерот Тошковски во гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ21 истакна дека кривичната пријава е резултат на обемна истрага и преземени активности во изминатиот период.
-Во оваа фаза од истрагата е поднесена кривична пријава за 10 лица за кои имаме основано сомнение дека се директно или индиректно поврзани со нелегално производство и пуштање во промет на произведената дрога, посочи министерот Тошковски.
Во рамки на контролите спроведени во производствени капацитети низ државата, одземени се околу 40 тони марихуана, за која надлежна комисија констатирала дека не била третирана во согласност со законските прописи.
-Индициите што ги имавме за нелегално производство, третман и чување се покажаа точни и затекнатата дрога, за која е утврдено дека не е третирана согласно закон, е одземена, нагласи Тошковски.
Министерот соопшти дека контролите покажале оти дел од компаниите работеле целосно законски и професионално, но кај дел се утврдени сериозни незаконитости, поради што марихуаната е одземена.
-Се поставува прашањето каде ќе завршеле тие 40 тони дрога доколку не ги одземевме, рече Тошковски.
Во однос на случајот со заплената во Србија, Тошковски нагласи дека постојат докази кои упатуваат дека дрогата влегла од Македонија и дека истрагата се води во тесна соработка со српските надлежни органи. Суштинското прашање, како што рече, е и како толкава количина наркотична дрога влегла на територијата на Србија, имајќи го предвид начинот на функционирање на заедничките гранични контроли.
-Договорот кој го имаме за One stop-системот е така имплементиран што секоја гранична полиција на МВР, во рамки на граничната контрола, го штити влезот во Македонија, односно излезот на Србија и влезот во Македонија. Македонските полициски службеници се на овој граничен премин и тука го контролираат влезот во Македонија. На влезот во Србија го контролираат српските полициски службеници. Значи, не е прашањето како излегло од Македонија, туку како влегло во Србија. Тоа е во делот на Министерството за внатрешни работи. Во делот на надлежностите на останатите институции ќе видиме, ќе покаже истрагата, кажа Тошковски.
Владата го задолжи и Министерството за здравство и надлежната комисија, во соработка со МВР и другите институции, да извршат контроли во сите лиценцирани производствени капацитети, со цел целосно утврдување на фактичката состојба и санкционирање на сите незаконитости.
-Мора најбрзо што може да ја утврдиме фактичката состојба и да ја запреме хаотичната состојба што ја наследивме, подвлече министерот Тошковски и додаде дека Министерството за внатрешни работи ќе продолжи со засилени контроли и активности за расчистување на сите случаи поврзани со незаконско производство и трговија со дрога.
Фото: МВР




