Основното јавно обвинителство во Струга отвори истрага за причините за енормното загадување на водата од извориштето во селото Шум, од кое се снабдуваат со вода за пиење градот Струга и околината. По наредба на обвинителството, истражните органи на терен затекнале работни машини на две правни лица од селото Велешта, кои вршеле кршење, ископ и транспорт на карпи во поголем обем, во непосредната близина на самите извори.

Поради основани сомненија дека се сторени кривичните дела незаконита експлоатација на минерални суровини од членот 225-а и загадување на водата за пиење од членот 219 од Кривичниот законик, надлежниот јавен обвинител доставил предлог за определување мерки на претпазливост до судијата на претходна постапка. Со нив се бара забрана за правните лица да ги посетуваат парцелите каде што вршеле ископ, како и забрана за преземање какви било работни активности на подрачјето додека трае постапката, пишува НОВА МАКЕДОНИЈА.

Што значи незаконита експлоатација на минерални суровини?

Кривичното дело од членот 225-а се однесува на искористување природни богатства – како што се камен, песок, чакал или други минерални суровини – без соодветна концесија, дозвола или спротивно на условите утврдени со закон.

Во конкретниот случај, доколку се утврди дека фирмите вршеле ископ без валидни дозволи или надвор од дозволениот обем и локација, тие би можеле да се соочат со сериозни санкции. Ова дело не ја санкционира само економската штета по државата туку и ризикот по животната средина, особено кога активностите се одвиваат во заштитени или чувствителни зони како што се изворишта за водоснабдување.

Загадување на водата за пиење – директна закана по јавното здравје

Уште посериозни се импликациите од членот 219 – загадување на водата за пиење. Ова дело се однесува на загадување или правење на водата небезбедна за употреба, особено кога станува збор за вода што се користи за јавно снабдување.

Ако истрагата покаже дека ископите и механизацијата предизвикале нарушување на природната филтрација, заматување или хемиско загадување на изворите во Шум, тогаш одговорноста би можела да биде квалификувана како директна закана по здравјето на илјадници граѓани на Струга.

Во вакви случаи, кривичната одговорност може да се однесува не само на правните лица туку и на одговорните лица во рамките на компаниите.

Може ли случајот да прерасне во екоцид?

Правната јавност веќе отвора прашање дали, доколку се докаже дека станува збор за масовно, свесно и сериозно уништување на животната средина со долготрајни последици, делото би можело да добие и потешка квалификација – екоцид.

Тој се користи за означување тешки и широко распространети уништувања на екосистеми што сериозно ги загрозуваат опстанокот и здравјето на населението.

Доколку се утврди дека загадувањето на изворите во Шум има долгорочни, системски и тешко поправливи последици врз водоснабдувањето, би можело да се отвори дебата за построга кривична квалификација, како и за потреба од преквалификување на делото и кривичноправно би се препознале елементи на сторен екоцид по членот 218-б: „Тој што спротивно на закон, со намера да предизвика штета на животната средина, ќе преземе дејствие или ќе пропушти да преземе дејствие поради кое ќе настане сериозна или широко распространета или долготрајна штета на животната средина, ќе се казни со казна затвор од најмалку десет години или со доживотен затвор“.

Истрагата продолжува

Од Основното јавно обвинителство во Струга информираат дека продолжуваат да преземаат дејствија за обезбедување докази и за утврдување на евентуалната кривична одговорност за енормното загадување на изворите во Шум.

Случајот веќе предизвикува силен јавен интерес, имајќи предвид дека станува збор за клучен ресурс – водата за пиење. Исходот од истрагата ќе покаже дали станува збор за изолирано противправно поведение (според досега обезбедените јавни и достапни докази, тешко дека станува збор за изолиран случај) или, пак, станува збор за сериозни нееколошки перманентни агресивни поведенија со елементи на тешки кривични дела во стек (за што има веќе и низа индикатори).

Случајот со загрозувањето на снабдувањето со пивка вода за Струга и Струшко има потенцијал да прерасне во една темелна и педантна обвинително-судска процедура со правичен исход во домашната судска пракса.

Во меѓувреме, останува отворено прашањето дали клиентелизмот, протекционизмот или коруптивниот начин на работа повторно ќе се покажат посилни од правно утврдениот и одговорен начин, овој пат од доменот на заштитата на природата и јавното здравје. Ќе стане ли овој случај пример за поостра и поодговорна примена на еколошкото кривично право?

НОВА МАКЕДОНИЈА.