Со прашања упатени до владините функционери, денеска во законодавниот дом се одржа 86. пленарна седница со единствена точка на дневен ред – поставување пратенички прашања. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во одговор на прашање од пратеничката на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Дијана Тоска, поврзано со националистичките навреди на навивачките групи за време на спортските натпревари, оцени дека доколку изминатите години било постапувано неселективно од страна на сите институции што имаат надлежност да констатираат и да реагираат соодветно на ваков тип предизвици, денеска немаше да сведочиме на повици за меѓуетничка омраза и насилство.
– Гадно е чувството кога гледате спортски натпревар и една навивачка група кога навредува некој етникум во Македонија и обратно, кога друга навивачка група навредува, колне, пцуе, плука и така натаму, но, навистина, многу ми е криво што изминативе 20 и повеќе години додека сте партиципирале во власта, не сте сториле апсолутно ништо за денеска повторно да го имаме она што не сакаме да го гледаме, ниту слушаме, а се случува – рече Тошковски.
Пратеничката од редовите на ДУИ, Тоска, се обрати до министерот Тошковски во врска со, како што рече, повикувањето на омраза и насилството на фудбалските натпревари посочувајќи на неодамнешен инцидент помеѓу навивачките групи на ФК „Вардар“ и ФК „Башкими“, каде што, според неа, биле упатувани антиалбански повици, а Федерацијата изрекла казна за ФК „Вардар“ – играње натпревар без публика.
Според пратеничката од ДУИ, насилството и повикувањето на омраза на фудбалските натпревари станало пракса во државата и албанската заедница и нејзините клубови биле постојано навредувани, затоа побара од Тошковски да преземе конкретни мерки против националистичките навреди на стадионите.

Тошковски, пак, во одговорот нагласи дека МВР дејствувало неселективно еднакво кон сите етникуми и навивачки групи и дека кривична постапка е поведувана против секого за кого биле обезбедени докази. Тој ја повика пратеничката од ДУИ да зазема еднаков став кон сите етникуми и навивачки групи, а не, како што рече, да биде само во одбрана на Албанците.
– Доколку во минатото на провокации, незаконски дејства, фрлање и палење знамиња, дали се тоа македонски, албански, српски и така натаму, било одговорено од страна на институциите како што одговоривме ние минатата година, неселективно, и доколку истото ова го сторевте кога имаше натпревар, каде што други навивачки групи навредуваат некој етникум во Македонија, и го поставевте прашањето пред сите овде, и се боревте и за нив, и за Македонците, и за Србите, и за Ромите, и за Власите, и за Бошњаците, како што се борите за Албанците, верувајте ми дека денес немаше да сме оваа држава што сме. Не се гледа искреност во вашиот пристап – нагласи Тошковски.
Пратеничката на ДУИ, Тоска, постави прашање и до министерот за правда Игор Филков во врска со петицијата на студентите на правните факултети, кои бараат правосудниот испит да може да го полагаат на албански јазик. Тоска оцени дека одбивањето да се дозволи полагање на испитот на албански јазик претставува повреда на Уставот и Законот за употреба на јазиците од 2018 година и дека тоа е „постојана тенденција за минимизирање на употребата на албанскиот јазик во институциите“.
Во одговор на пратеничкото прашање министерот за правда Филков посочи дека правосудниот испит е стручен испит, а не управна постапка, поради што во моментот не постои можност за негово полагање на друг јазик, освен на македонски.

Филков потенцира дека Венециската комисија дала негативно мислење на Законот за употреба на јазиците и дека до Уставниот суд се поднесени 13 иницијативи за оценување на уставноста и законитоста.
– Во моментот можност за полагање на друг јазик, освен на македонски, не постои, затоа што правосудниот испит е стручен испит, не е управна постапка, а тоа вам ви е многу добро познато. Впрочем, и Венециската комисија има дадено негативно мислење на Законот за употреба на јазиците, а во моментот до Уставниот суд се поднесени 13 иницијативи за оценување на уставноста и законитоста – истакна Филков.
Од собраниската говорница Филков покажа двојазично уверение потпишано од него, со кое демонстрира дека Министерството за правда издава двојазични документи на секој што тоа ќе го побара нагласувајќи дека „времето на националромантизам е завршено”.
– Требаше некое време да сфатам на што се должи оваа хистерија, која во изминатиот период беше продуцирана од страна на одредени политички партии, но по онаа епизода „Артан се враќа дома“ – нештата се многу појасни. Дали некој е националист или не говори ова уверение, кое е двојазично и потпишано од мене, овде лево долу – рече Филков. ра/са/
Фото: принтскрин




