Пратеникот Бране Петрушевски, од ВМРО-ДПМНЕ, беше гостин во емисијата Анализа на телевизија 24, каде се осврна на темата за поранешниот вицепремиер од владата на СДС, и истакна дека институциите треба независно да постапуваат во тој случај. Според него, опозициската СДС стравува од тоа што би изнел Груби пред обвинителство, и кој би седнал до него на обвинителната клупа доколку она што тој би го изнел иницира поширока одговорност за наводни злоупотреби во рамки на поранешната влада.

– Многу е важно како постапуваат институциите и тоа е пример како треба да постапуваат институциите особено во делот на извршната власт. Нормално си е обезбеден бегалецов Груби и оставаме судската власт, јавно обвинителската власт да си ја заврши работата онака како што е во секоја европска држава, рече Петрушевски.

Тој истакна дека неспорен факт е дека Артан Груби ја извршувал функцијата вицепремиер во владата на СДС, при што денес стравот на партијата произлегува од можните сознанија кои тој би можел да ги открие.

– Но од фактите ние не можеме да избегаме. Факт е дека вицепремиер беше Артан Груби во време на СДС, факт е дека криминалите ги правеше во време додека беше вицепремиер, факт е дека СДС молчеше и не смееше ниту името да му го спомене, а камо ли да му поднесе кривична пријава, како што направила оваа Влада или па да го стави во обвинителни клупи, истакна Петрушевски.

Во продолжение додаде:

– Најголемиот проблем за СДС е што знае Груби. И што ќе каже Груби во обвинителството, и кој од нив, сите кои што биле со него во владата, ќе седне до него на обвинителна клупа. Тука им е на нив стравот и тука им е на нив паниката и хистеријата и јавувањето на Заев после 5 години, и се она кое што се случува. Затоа што Артан Груби, како прв вицепремиер, ги има сите информации за криминалите кои што ги правела претходната влада на СДС.