Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување истражна постапка против седум лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело тешка кражба и злосторничко здружување.
Како што соопштија од ЈОРМ, станува збор за меѓународна криминална група составена од четворица украински државјани и по еден државјанин на Молдавија, Казахстан и на САД. Осомничените во Република Македонија извршиле 19 тешки кражби од граѓански сефови во филијали на Шпаркасе банка и на Централна кооперативна банка во Скопје. Притоа се стекнале со противправна имотна корист од 105.638.858 денари во пари, накит и други вредни предмети.
-Во периодот од јули до ноември 2017 година, осомничените извршиле закуп на граѓански сефови во различни банки на различни места во Скопје со цел да ги проценат околностите и системот на безбедност во банките. Притоа користеле лажни идентитети и во одреден период секојдневно ги посетувале филијалите во кои имале закупени сефови. Искористувајќи момент без присуство на службено лице, со специјални уреди ја снимале внатрешноста на бравите на сефовите и потоа изработувале клучеви – калаузи за нивно отворање. Одземените вредни предмети од сефовите биле изнесени од Република Македонија, поединечно од секој член на групата, на различни гранични премини и во различни временски периоди., наведуваат од ЈОРМ.
Како што соопшти МВР, согласно поднесената кривична пријава од Секторот за внатрешни работи Скопје до надлежното ОЈО во Скопје, станува збор за лицата О.П.Д. (33) од Украина, А.М. (37) од Молдавија и В.Ш. (43) од Украина, кои се осомничени дека извршиле 19 кривични дела – “тешка кражба“и кривично дело „злосторничко здружување“. Исто така кривично пријавени се лицата В.Б. (48), О.М. (37) државјани на Р. Украина, како и Д.Ш. (49) од Казахстан и С.А. (43) од САД, поради постоење основано сомнение дека извршиле 19 кривични дела – “помагање“ а во врска со кривичното дело -“тешка кражба“ и „злосторничко здружување“.
По добиената пријава дека недостасуваат пари и накит од сефовите, од страна на МВР, во соработка со Европол и Интерпол преземени се оперативни мерки за расчистување на случајот и утврдени се идентитетите на сторителите.
Оваа криминална група, се додава од ЈОРМ, на истиот начин извршила тешки кражби и во други земји.
До овој момент, еден од осомничените е лишен од слобода во Латвија, а двајца во Таџикистан.
Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, преку меѓународна правна помош испратил барање за прибирање податоци и доказен материјал до надлежните институции во овие земји.