Македонија е рангирана меѓу најдобрите земји во светот според намалувањето на неонаталната смртност и смртноста кај децата под пет години – се наведува во објавениот глобален извештај за 2025 година на Меѓуагенциската група на ОН за процена на смртноста кај децата.

На презентацијата на податоците од извештајот, денеска, на прес-конференција, министерот за здравство Азир Алиу рече дека, според извештајот, стапката на смртност кај новороденчиња за неполна деценија е намалена за 87 проценти од 8,1 на 1,1 смртен случај на 1.000 живородени деца, а стапката на смртност кај деца на возраст под пет години е намалена за 75 проценти од 11,1 на 2,8 на 1.000 живородени деца.

– Нашата држава е прикажана како успешен пример за намалување на неонаталната и смртноста на децата на возраст под пет години на глобално ниво како резултат на заедничките активности и координација на Комитетот за безбедно мајчинство при Министерството за здравство и партнерите УНИЦЕФ, СЗО и УНФПА – истакна Алиу.

Претседателката на Комитетот за безбедно мајчинство и директор на Клиниката за гинекологија и акушерство, Ирена Алексиоска-Папестиев, рече дека податоците покажуваат дека кога системски се работи, може да се достигнат меѓународните стандарди во намалувањето на неонаталната смртност и смртноста кај децата на возраст под пет години.