Рускиот претседател Владимир Путин повика на зајакнување на „стратешкото партнерство“ со Пјонгјанг во честитка до севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун за неговиот реизбор за лидер на Демократската Народна Република Кореја.
„Секако, ќе продолжиме со нашата тесна заедничка работа насочена кон зајакнување на стратешкото партнерство меѓу Москва и Пјонгјанг“, рече Путин во пораката објавена од Кремљ, уверувајќи дека „ова несомнено одговара на фундаменталните интереси“ на двата народа.
Тој, исто така, го пофали „личниот придонес“ на Ким за „зајакнување на пријателските врски меѓу сојузниците“ меѓу двете земји, поврзан со договорот за меѓусебна одбрана потпишан во 2024 година.
Северна Кореја е активно вклучена во воените напори на Москва, обезбедувајќи ѝ војници за да ја одбие украинската офанзива во рускиот Курски регион, како дел од офанзивата во Украина што трае од февруари 2022 година. За возврат, Русија ѝ обезбедува на Северна Кореја финансиска помош, воена технологија и снабдување со храна и енергија, според аналитичарите.
На почетокот на јануари, Ким Џонг-ун вети дека „безусловно ќе ги поддржи“ сите политики и одлуки на Владимир Путин во писмо објавено од официјалната севернокорејска новинска агенција КЦНА.
Ким повторно именуван за претседател на Северна Кореја
На вчерашната седница на Врховното народно собрание на Северна Кореја повторно е именуван Ким Џонг-ун за претседател на Комисијата за државни работи, објави денеска државната новинска агенција КЦНА.
На вчерашната прва седница на Врховното народно собрание на Северна Кореја се дебатираше за измени и дополненија на Уставот. Парламентот, кој ја одобрува државната политика обично има седница по Конгресот на владејачката Работничка партија, со цел партиските одлуки да ги претвори во закон.
На состанокот се дискутираше и за петгодишниот економски план на земјата објавен на деветтиот партиски конгрес на Работничката партија, што се одржа во февруари.
Сè уште е неизвесно дали Пјонгјанг ќе го ревидира Уставот за да ја формализира политиката на Ким за „две непријателски држави“. Ким изминатите години ја напушти долгогодишната цел на Северна Кореја за мирно обединување и ја редефинираше Јужна Кореја како непријателска држава.
Сестра на Ким, Ким Јо-џонг не е на списокот на членови на Комисијата за државни работи, највисокото раководно тело во земјата. Таа беше член на Комисијата од 2021 година.
фото: архива




