Владата го намали ДДВ-то за горивата, но не донесе конкретни мерки за да им помогне на посебни категории граѓани, истакна лидерот на опозицијата Венко Филипче денеска на прес конференција во СДСМ.
Според Филипче, Владата треба да излезе во пресрет и со посебни пакети за посебни категории граѓани да им помогне на социјално загрозените, луѓето со посебни потреби, најсиромашните пензионери, луѓето со ниски примања, семејствата со повеќе деца.
-Владата не воведе ниту една мерка да помогне на конректни категории на граѓани, а гледаме како земјите во регионот се справуваат. Потребни се мерки како што донесуваше Владата што ние ја предводевме во време на криза, односно за време ковид-кризата и енергетската криза кога почна војната во Украина, затоа што со директни мерки кон одредени граѓани, посебно најзагрозените, оние што најмногу се жалат бидејќи неможат да се прехранат, а тоа се најсиромашните кетегории, пензионерите, социјалните случаеви, семејства со повеќе деца, најслабо платените работници, тие мора да добијат некаква помош од државата. Владите на СДСМ во време на криза поделија две милијарди евра, директна помош кон граѓаните, кон најзагрозените категории граѓани, а имаше и дополнителна помош за ученици, студенти, лица со посебни потреби, посочи Филипче.
Тој истакна дека Владата може да го следи хрватскиот пример каде што освен што се ограничија цените на горивата и гасот, одредени категории граѓани, земјоделци, рибари и други социјално загрозени категории на граѓани добија конкретна помош.
– Апелирам, Владата да ги прифати нашите мерки кои ќе дадат резултат, а тоа е освен намалување на ДДВ на горивата, да се намали ДДВ на основните прехранбени производи на нула проценти, да се намали акцизата за 4 денари, и тогаш ќе има вистинско поевтинување кое ќе го забележат граѓаните, но и компаниите бидејќи нема да влијаат во дополнителниот синџир за раст на цени. Потребно е намалување на цените на патарините, потребни се посебни пакети за посебни категории граѓани, за социјално загрозените, луѓе со посебни потреби, најсиромашните пензионери, луѓе со ниски примања, семејства со повеќе деца.. на сите Владата треба да им излезе во пресрет и да им помогне, истакна претседателот на СДСМ Венко Филипче.
На денешната прес конференција од СДСМ информираа дека дефицитот во земјава е пораснат од предвидените 3,5 насто на 5,1 насто.
Фото: Архива




