Владата и Министерството за одбрана денеска во касарната „Страшо Пинџур“ во скопски Петровец ги претставија 17 нови лесни оклопни возила „страјкер“ (stryker), набавени од Соединетите Американски Држави.

-Јас да го истакнам моето задоволство, конечно „страјкерите“ се тука, што ќе дојдат и дополнителна количина што ќе ја зајакнат македонската Армија. Голема благодарност до војската, војниците, до старешините до генералите, до министерството за одбрана, до министрот, до луѓето коишто се околу него, заменикот, државниот секретар, до колегите од владата се разбира. Огромна благодарност до нашите стратешки партнери САД, амбасадата на САД кај нас, за сета поддршка и целата логистика којашто ни ја даваат истакна Мицкоски.

Тој потенцира дека ова за нас е од големо значење.

-Ја подобрува оперативноста практично, ја зголемува мобилноста, на самата Армија и на тој начин стануваме поконкурентни споредено со другите Армии. Ние како Влада ќе продолжиме да инвестираме во нашата македонска армија и цениме дека таа е многу значајна. Сакаме да имаме целосно нова современа опрема се разбира во рамките на можностите на буџетот и сите критериуми што се бараат до 2032 година да бидат од наша страна исполнети, тоа што сега претставува минимум, ние сме многу над тој минимум и сме во тие земји коишто инвестираат повеќе од тој минимум што беше до сега 2% од БДП за разлика од некои други земји коишто се уште не го постигнале тој минимум, истакна Мицкоски.

Мицкоски додаде дека им честита за сето ова и посакува успешно да се користат со што на овој начин ја опремуваме и модернизираме нашата македонска Армија.