Многу внимателно ја следиме состојбата со цената на нафтата и нафтените деривати на светските берзи, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

– За нас референтна берза е ФОБ Италија, и за безоловниот бензин и за дизелот. Врз основа на нашите пресметки, очекуваме во понеделник да имаме околу 2 денари намалување на цената за бензините со 95 и 98 октани, имајќи го предвид просекот од оваа недела, од понеделник до петок, и иста цена или можеби половина да има зголемување на дизелот. Така што, намалувањето на ДДВ, директно имплицира позитивен ефект. Еве, кога ќе се анализира цената од претходната недела, ќе имаме дури и намалување на цената на бензините и на дизелот, изјави Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа, дали Владата има направено анализа и кој е ефектот од мерките коишто беа донесени во борба против поскапување на горивата.

Мицкоски посочи дека мерката за намалување на ДДВ директно имплицира позитивен ефект, додаде дека во овој момент сме стабилни, потенцирајќи дека нема потреба од рестрикции и нагласи дека намалувањето на ДДВ ќе ја намали цената на горивата.

– Оваа мерка која што ја донесовме има рок од две недели, го дава својот ефект. После овие две недели, сега ќе ја следиме следна недела, да видиме како ќе се движи цената. Ќе ја следиме сега оваа недела, од понеделник до петок како ќе биде, ќе видиме дали има потреба, откако ќе завршат овие две недели да се продолжи мерката со намалено ДДВ на уште две недели, дали можеби ќе воведеме нова мерка со акцизата. Така што да почекаме, да видиме како ќе се движат вредностите, истакна Мицкоски.