Дванаесет жители на Путиново, село во општината Медвеѓе, на административната линија меѓу Србија и Косово го очекува рускиот претседател Владимир Путин, ако тоа го дозволи протоколот, да го посети нивното село.
Како што објави РТС, се е подготвено, патот е прооден, кафената Крим е средена, а за претседателите на Србија Александар Вучиќ и на Русија, Владимир Путин, имаат и специјален подарок – ракија путиновача.
Снег до колена, а во Путиново празнична атмосфера, јавува РТС.
Доаѓањето на Путин во Србија за 12-те жители на селцето во подножјето на Радан би бил настан од посебно значење. Тие се подготвени и се надеваат дека рускиот претседател ќе најде начин да ги посети во нивното село.
– Ние сме подготвени да го пречекаме само ако тој реши да дојде. Се е подготвено, не ни треба никој, ни неговата придружба, вели Милутин Петрушиќ Сердар.
И во селската кафеана Крим декорацијата е во духот на големата љубов која Петрушиќи, Делибашиќи, Петрониевиќи, фамилии кои живеат во Путиново, ја чувствуваат спрема Русија, рускиот народ и претседателот Путин. Тука е и неизбежната путиновача, ракија која тука се произведува и која е веќе нивен препознатлив бренд.
– Срцето ни е полно со љубов спрема рускиот народ, особено спрема Путин. Тука е и путиновачата. Има и топлена ракија, не само путиновача, вели Малиша Петрушиќ.
Путиново пред неколку месеци го посети и рускиот амбасадор во Србија, Александар Чепурин. Неодамна е реконструиран и патот, а потоа кога жителите на селото Аџинци, пред година и пол, го променија името, Путиново стана вистинска туристичка атракција.
– Сигурни сме дека во Русија се чуло за Путиново, дури прилично сум сигурен дека и самиот претседател Путин знае за ова место, вели претседателот на општината Медвеѓе, Небојша Арсиќ.
Тој додава:
– Ако сега при оваа посета не се најде начин, се надеваме и имаме голема желба, Путин да го дочекаме во друга прилика, вели Арсиќ.
Милутин Перушиќ Сердар им порача на претседателите Путин и Вучиќ да ја продолжат соработката, бидејќи, како што вели, Русите и Србите се ист народ.
Путиново со нетрпение го очекува Путин. Токму така како што им доликува, домаќински и со звуците на гуслата и српски јуначки песни, пишува РТС.