Советничката група на СДСМ денеска побара итна седница на Советот на Општина Аеродром со цел привремено одложување на воведувањето на зонско паркирање во зоната D12 во Реонски Центар. СДСМ бара Советот на Општина Аеродром итно да усвои заклучок со кој ќе се задолжи градоначалникот Дејан Митески, во координација со Град Скопје и ЈП „Градски паркинг“, да преземе активности за одложување на воведувањето на зонско паркирање во Реонски Центар и забрзување на воведувањето во Ново Лисиче, се вели во соопштението од СДСМ што МИА го пренесува интегрално.
Барањето е поднесено во согласност со бурните реакции на жителите на Ново Лисиче за најавата за воведување на зоната D12 од страна на градоначалниците Орце Ѓорѓиевски и Дејан Митески.
СДСМ смета дека револтот што го предизвика оваа најава кај жителите на Ново Лисиче е оправдан од причина што овие жители веќе подолг временски период се жртви на недостиг на паркинг простор како последица на воведувањето на зонско паркирање позади трговските центри Капитол и Бисер.
Стартот на примената на зонското паркирање во Реонски Центар најавен за среда, 1-ви април, само го продлабочува хаосот со недостигот на слободни паркинг места во Ново Лисиче.
Селективното воведување на зонско паркирање само во еден дел од општината предизвикува пренасочување на возилата кон нерегулираните зони, што значително ги отежнува условите за паркирање на жителите во Ново Лисиче, кои подолго време бараат решение на овој проблем.
Зонското паркирање може да се реализира исклучиво паралелно и координирано во двата реони со цел обезбедување на рамномерна и правична распределба на паркинг просторот за жителите на Ново Лисиче и Реонски Центар.
СДСМ бара итна реакција од градоначалникот Дејан Митески и мнозинството во Советот предводено од ВМРО-ДПМНЕ со цел благовремено спречување на хаосот кој ќе се јави како последица на несериозниот пристап на Општина Аеродром и Град Скопје кон проблемот со паркирањето во најгусто населената општина во градот.
Центар за комуникации со јавноста на СДСМ
Фото: МИА архива




