Лекарите од КБЦ Риека, со примена на нов метод – хипербарична оксигенотерапија (ХБОТ) – успешно ги санирале здравствените компликации што настанале како последица од лекувањето на примарната болест кај пациентка со тумор на жолчните канали, соопштија од КБЦ Риека.
Ведрана Рудан, позната хрватска писателка, е првата пациентка кај која е применета ХБОТ методата за лекување на компликации настанати како последица од лекувањето на примарната болест – тумор.
Таа го опиша својот случај:
-Веќе две години се лекувам од карцином (карцином на жолчните канали), поточно се борам против него со помош на тимот од Oнкологија во Риека, кој не се откажува. За сите нас се борат со ист ентузијазам. Сепак, човек со текот на времето попушта – би попуштил и челик. Пред околу два месеца, мојата здравствена состојба драстично се влоши. Тоа го поврзував со напредувањето на мојата примарна болест (карцином на жолчните канали). Во болницата ми рекоа дека причината за моите маки е озраченото дванаесетпалечно црево, што и да значи тоа. Се чувствував неописливо лошо. Ужасни болки, губење здив, никаква потреба ниту за храна, ниту за пијалак. Во кревет поминував 24 часа. Сакав да умрам веднаш. Сопругот ме однесе на Онкологија, една недела, во 21:30 часот. Дежурна беше докторката Ивана… Гледав во нејзините рамена кои се тресеа некотролирано додека нервозно удираше по мобилниот и бараше решение. „Утре ќе одите на Сушак за да ја испробаме методата со барокомора. Ќе бидете први во светот“. Тапо ја гледав и ја одбив секоја дискусија на тема уште еден „метод“. Доста ми беше од страдање. Дури и во сон плачев, очајна што повеќе не можам да застанам на нозе. Онколошкиот тим во Риека е познат по тоа што не се откажува. По две години секојдневно дружење, можам да кажам дека ги познавам. Следното утро ме однесоа со болничко легло на Сушак. Доктор Франолиќ ми го појасни „методот“, но не разбрав ниту еден збор. Тимот таму навистина е бескрајно добар кон пациентите. Би било претенциозно да објаснувам што ми направија. Претходно имав слушнато дека со барокомора се лекуваат надворешни рани, а кај мене ќе се обидат да помогнат во лекување на внатрешни рани. Изгледав како леш на строга диета. А потоа влегов во комората со колегите. Не знам колку пати. Не ме интересира статистиката. Одеднаш почувствував глад. Го чувствувам и сега. За две недели се здебелив десет килограми. Некој да ми кажеше дека ќе се радувам на таков перверзен податок. Завршив со комората, моментално сум дома, уживам во животот, на кој речиси едвај се сеќавав. Одам, јадам, пијам, дишам. Единствениот проблем ми е што не знам дали ова е сон или јаве. Можеби сепак не е сон? Внукот ми рече: „бабо, некако си се поправила“. Докторката Ивана ми вели дека сум „светска шампионка“, бидејќи досега никој не се лекувал на ваков начин. А јас седам во аголот на терасата со носот во кутија со чоколадни бонбони. Вистинските шампиони, сепак, се некои други – раскажа Ведрана Рудан.
Од КБЦ Риека појаснуваат дека нивната пациентка ги лекувала метастазите на црниот дроб со СБРТ пред година и половина во друга установа.
„Како подоцнежна нуспојава се развила голема улцерација на слегувачкиот дел од дванаесетпалечното црево, која не реагирала на стандардната фармаколошка терапија и како последица на хроничната улцерација на дванаесетпалечното црево, пациентката ослабела околу 15 килограми, со континуирани и неподносливи болки во стомакот и мачнини. Тоа значително го нарушило квалитетот на животот, како и понатамошното успешно лекување со современа онколошка терапија. И покрај целата применета стандардна фармацевтска терапија, потешкотиите на пациентката не се подобрувале. Имајќи предвид дека ХБОТ терапијата прелиминарно била истражувана за лекување компликации од конвенционална радиотерапија, иако никогаш не била применета за компликации од стереотаксиска радиохирургија, во договор со пациентката се одлучивме за обид за лекување на нејзината улцерација со ХБОТ. По спроведената терапија, пациентката повеќе нема болки, нема мачнини, добила значително на телесна тежина, а контролниот гастроскопски наод пред крајот на ХБОТ покажува значителна регресија на локалниот наод на дванаесетпалечното црево, објасни проф. Ивана Миколашевиќ, раководител на Клиниката за тумори.
Како што посочи, постојат студии кои укажуваат на можна корист од примената на ХБОТ методот преку барокомора во лекување на последици од стандардна радиотерапија на дигестивниот систем, но во литратурата нема податоци за ефикасноста при лекување на компликации од стереотаксиска радиохирургија на абдоменот, дигестивниот тракт и карлицата.
„Според нашите сознанија, овој метод, што го примени тимот на лекари од КБЦ Риека, е прв пат изведен во светски рамки, велат од КБЦ Риека. Од друга страна стереотаксиската радиотерапија (СБРТ) на абдоменот, дигестивниот тракт и карлицата е метод, кој користи високо прецизни и високи дози на зрачење во краток временски период со цел уништување на туморското ткиво. Со примена на оваа техника се постигнува истовремено максимален ефект на туморското ткиво, со штедење на здравите ткива. Методот е особено корисен за лекување на малигните промени (примарните и метастазираните) во црниот дроб, панкреасот, надбубрежните жлезди, лимфните јазли, абдоменот, дигестивниот тракт и карлицата. Со оглед на сè поголемата примена на СБРТ во лекување на примарните и метастазираните тумори на абдоменот, дигестивниот тракт и карлицата и продолжување на животниот век на онколошките пациенти, третманот на подоцнежните несакани ефекти станува сè поважен дел од онколошката грижа.
Најмалку 25 отсто од преживеаните пациенти пријавуваат намален квалитет на живот како последица од лекувањето. Некои од најчесто пријавуваните несакани појави во тој контекст се однесуваат на дигестивниот систем, па така како последица од СБРТ може да се јават хронични улцерации на дигестивниот тракт, хронични локални перфорации на дигестивниот тракт и слично, како што објаснуваат лекарите кои го извршиле зафатот. Овие несакани појави најчесто се јавуваат неколку месеци по спроведениот СБРТ на абдоменот, дигестивниот тракт и карлицата.
„Кај нашата прва пациентка беше утврден протокол за лекување и веќе по првите три дена таа почна значително подобро да се чувствува – болките престанаа или се јавуваа повремено и во многу мала мера, почна да јаде и во првата недела почна да добива на телесна тежина“, вели проф. д-р Миколашевиќ.
„Нашиот Завод моментално е единствениот хипербаричен центар, кој е опремен и кадровски и со специфична опрема и е оспособен да згрижува и пациенти, кои бараат интензивно лекување. Терапијата се спроведува во циклуси од 20, 30 или 60 третмани, континуирано, пет дена во неделата“, истакнува д-р Марио Франолиќ од Заводот за подводна и хипербарична медицина при КБЦ Риека.
Клиниката за тумори при КБЦ Риека е првата во јавниот здравствен систем на Република Хрватска која неодамна во целосна клиничка примена ја воведе стереотаксичната радиотерапија на црниот дроб (СБРТ), една од најнапредните и технички најсложените методи за лекување на метастази и примарни тумори. Со тоа стана прва јавна здравствена установа што го спроведува овој зафат. Методот претставува нов исчекор, бидејќи по неодамнешната успешна примена на стереотаксија на мозокот и белите дробови, со воведувањето на овој најкомплексен СБРТ зафат, сега во Риека е возможно да се изведе стереотаксија на лезии во целото тело. Во КБЦ Риека нема листи на чекање за системска онколошка терапија, ниту за радиотерапија, ниту за кој било облик на стереотаксија.
„Клиничкиот болнички центар Риека континуирано остварува значајни стручни исчекори во унапредувањето на лекувањето на онколошките пациенти, за што јавноста секако е информирана и ми претставува задоволство што продолжуваме со исклучително квалитетни достигнувања во обезбедувањето здравствени услуги за најчувствителните категории пациенти, какви што се онколошките пациенти. Тоа го потврдува и неодамна изведениот зафат за успешно справување со компликациите од онколошкото лекување на примарната туморска болест. По успешното лекување на нашата прва пациентка со оваа иновативна метода, веќе се лекува и втора пациентка со примена на ХБОТ, по претходно извршен СБРТ на лимфните јазли во абдоменот во друга установа, со последична локална хронична перфорација на спојот меѓу дванаесетпалечното црево и останатиот дел од тенкото црево. И кај оваа пациентка, по неколку дена, дојде до целосно повлекување на болките. Индикациите за лекување со ХБОТ кај онколошките пациенти се утврдуваат од стручен тим во нашата установа, составен од лекари од Клиниката за тумори, Заводот за гастроентерологија, Заводот за хипербарична медицина, како и нашите хирурзи“, нагласи проф. Алемка Брнчиќ Фишер, в.д. директорка на КБЦ Риека.
Првиот Оддел за интензивна нега за онколошки пациенти е отворен токму на Клиниката за тумори при КБЦ Риека. Мултидисциплинарниот пристап што оваа установа им го обезбедува на пациентите и на нивните семејства, а кој е неопходен за постигнување оптимални резултати од онколошкото лекување, овозможува соодветно згрижување на најголемиот дел од несаканите појави од стереотаксичната радиохирургија, како и од системската онколошка терапија. Тоа го потврдува и овој прв случај на успешно лекување на компликации настанати од примената на СБРТ со помош на ХБОТ методот, велат од КБЦ Риека.
Да потсетиме, КБЦ Риека обезбедува мултидисциплинарна грижа за онколошките пациенти, постигнувајќи резултати што ја вбројуваат оваа установа меѓу водечките светски онколошки центри. Благодарение на посветената работа на своите стручњаци, воведувањето современи медицински методи и континуираното вложување во знаење и технологија, КБЦ Риека ја потврдува својата улога како еден од водечките здравствени центри во регионот. Континуираниот развој, мултидисциплинарната соработка и фокусот на квалитетот на грижата за пациентите остануваат темел на дејствувањето на оваа установа. КБЦ Риека и во иднина ќе продолжи да ги следи современите медицински трендови и преку стручни исчекори дополнително да ја унапредува здравствената заштита и безбедноста на пациентите, пишува „Вечерњи лист“. (МИА)




