Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на потпишување меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за иновации научно технолошки развој и претприемништво (ИНОВА) и државните универзитети.

Меморандумот има за цел унапредување на соработката меѓу научно-истражувачката заедница и институциите во насока на развој на иновациите, технологијата и претприемништвото.

-Образованието не е трошок – тоа е најсилната инвестиција во иднината на државата. Во секое училиште што го градиме, ја градиме и силата на нашата татковина. Нелсон Мандела рекол „Образованието е најмоќното оружје кое можеш да го употребиш за да го промениш светот“. Затоа, ми претставува чест што денес сум дел од овој настан, кој е посветен на унапредување на соработката помеѓу клучните чинители во развојот на науката, иновациите, претприемништвото, технолошкиот развој и знаењето, изјави Мицкоски.

„Иницијативата на Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво (ИНОВА) за воспоставување на соработка со државните универзитети претставува важен чекор во насока на подобро поврзување на образованието, науката и економијата. Во услови на брзи глобални промени, ваквите партнерства се неопходни за создавање одржливи и долгорочни резултати.

Улогата на министерството за образование и наука, како и на универзитетите, е од особено значење во градењето на систем кој ќе овозможи развој на квалитетен кадар, подготвен да одговори на современите предизвици. Истовремено, поврзувањето со приватниот сектор и институциите создава основа за поефикасен трансфер на знаење и технологии.

Фокусот на ова партнерство е во согласност со нашите стратешки приоритети, а тоа се: поттикнување на иновациите, поддршка на претприемништвото и стартапите, како и развој на конкурентна економија базирана на знаење.

Потпишувањето на овој меморандум за соработка претставува силна порака дека заедно можеме повеќе, дека преку партнерство можеме да создадеме услови за развој на претприемништвото, за поддршка на стартапите, за зголемување на конкурентноста на нашите компании и за изградба на економија базирана на знаење.

Особено е важно што оваа иницијатива отвора простор за подлабока соработка помеѓу универзитетите, институциите и бизнис секторот, што може да резултира со нови проекти, заеднички истражувања и креирање решенија со реална примена. На тој начин, се создаваат услови за задржување на младите таленти и нивно активно вклучување во развојот на домашната економија.

Очекувам дека преку заеднички активности ќе се унапреди иновацискиот и технолошкиот екосистем, ќе се поттикне претприемачкиот дух кај младите и ќе се создадат нови можности за развој и раст.

Како Влада, остануваме посветени на поддршка на иницијативи кои придонесуваат за економски развој, иновации и подобра поврзаност помеѓу институциите.

На крајот, дозволете ми уште еднаш да им честитам на сите вклучени страни за оваа значајна иницијатива и да изразам уверување дека ова партнерство ќе донесе конкретни резултати и долгорочни придобивки за целото општество“, наведе во обраќањето Мицкоски.