Вечерва Унгарија рече доста е! Недемократскиот режим на (Виктор) Орбан падна – токму како што месеци наназад најавуваме, објави синоќа триумфално предвидување Венко Филипче, лидерот на СДСМ и најави дека со неговата партија ќе „менуваат уште режими“ во Европа.

– Новиот премиер на Унгарија, Петер Маѓар, најави длабока реформа на медиумите поради огромното влијание што Орбан го имаше врз нив. Паѓаат автократските режими. Следен е Вучиќ, а со него и Мицкоски. Време е за демократија! СДСМ ќе ја врати власта во рацете на народот и Македонија конечно ќе ја врати на европскиот пат. Демократијата и Европа победуваат, објави Филипче на социјалните мрежи, веднаш по првите резултати од парламентарните избори во Унгарија.

Во прославата му се приклучи и неговиот колега од раководството на СДСМ, Андреј Жерновски.

– Прослава на улиците во Унгарија, крокодилски солзи во Белата барокна палата, објави триумфално и Жерновски.

На „триумфите на СДСМ“ во Унгарија реагираа корисници на социјалните мрежи, меѓу кои и Богдан Илиевски.

– Сестринската партија на СДСМ и членка на ПЕС (Партијата на Европски Социјалисти), унгарската ДК освои 1,18% од гласовите на изборите (на кои победија Филипче, Жерновски, Јон, Богданка и другите од СДСМ). Честитки и за овој успех на сестринците!- се наведува во ироничната честитка до Филипче, Жерновски и СДСМ за „нивната победа во Унгарија“.

За резултатите во Унгарија СДСМ се однесува според онаа народната за кокошката и просото: Гладна опозиција власт сонува!