Британскиот премиер Кир Стармер одби да се приклучи на блокадата на Ормуската Теснина најавена од американскиот претседател Доналд Трамп, во услови на раст на цените на нафтата и стравувања од дополнителен економски притисок врз британските граѓани, јави ДПА.
Трамп се закани дека ќе ги запре танкерите што влегуваат или излегуваат од клучната рута за транспорт на нафта и гас. Ова доведе до раст на цените на нафтата уште во раното тргување, откако тие веќе претходно пораснаа поради контролата на Иран врз теснината како одговор на американско-израелската војна.
Стармер денеска ќе разговара со граѓаните за трошоците за живот при посетата на Голем Манчестер, додека министерката за финансии, Рејчел Ривс, ќе отпатува во Вашингтон на состаноци на Меѓународниот монетарен фонд. Таа предупреди дека „војната во Иран ќе има цена за британските семејства и бизниси“.
Пратениците се враќаат во Вестминстер по велигденската пауза, без напредок во решавањето на кризата на Блискиот Исток и со неизвесна судбина на кревкото двонеделно примирје. Трамп ја најави блокадата по неуспешните мировни разговори меѓу САД и Иран во Исламабад, при што двете страни меѓусебно се обвинија за неуспехот.
Според објавата на Трамп на „Трут соушал“, американската војска ќе започне со „блокирање на сите бродови“ што се обидуваат да влезат или да излезат од Ормуска Теснина. Тој додаде дека „и други земји ќе бидат вклучени“, но Велика Британија, според владини извори, нема да учествува. Лондон, сепак, соработува со Франција и со други партнери на формирање поширока коалиција за заштита на слободата на навигацијата. Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон се согласија дека е потребен координиран пристап.
Велика Британија оваа недела ќе биде домаќин на нови разговори за повторно отворање на теснината, со фокус на дипломатскиот притисок врз Иран, вклучително и преку санкции.
Американската Централна команда (ЦЕНТКОМ) соопшти дека блокадата на иранските пристаништа ќе започне денеска, но истовремено наведе дека нема да се попречува слободата на навигацијата кон неирански пристаништа, што делумно се коси со претходните изјави на Трамп.
Американскиот претседател го обвини Иран за неуспехот на преговорите, додека иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, возврати дека Вашингтон применува „максимализам“ и „променливи услови“.




