Според статистиката, веќе имаме прилив на иселеници, не е голем, но луѓе почнаа да се враќаат во Македонија. Тоа е резултат на политиките што ги спроведува оваа Влада – изјави денеска министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Прашана за коментар на податоците од Државниот завод за статистика во однос на намалувањето на бројот на основци во училиштата во земјата, Јаневска од настан за почеток на доградба на училници во основно училиште во Ѓорче Петров одговори дека ситуацијата се менува.
Како што рече, и додека не биле на власт, постојано укажувале на значителното намалување на бројот на деца родени во Македонија и дека за разлика од претходната влада, која не презела ништо, сегашната презема мерки за да го поправи тоа.
– Јас ќе ве потсетам дека многупати ѝ се обраќавме на претходната власт кога тие редеа чевли пред Владата, а не преземаа ништо седум години, дека тоа не е вистинското решение, дека нешто треба да се направи. Еве ние го правиме ова. Овде има 600 деца и неопходна е потребата од едносменска настава. И секаде каде што ќе има доволен број деца, ќе им овозможиме едносменска настава. Дополнително, за оние на кои им редеа чевли за да ги вратат, ништо не направија, но ние, може да видите во статистиката, веќе имаме прилив на иселеници. Тој не е голем, но луѓе почнаа да се враќаат во Македонија. Тоа е резултат на политиките што ги спроведува оваа Влада – истакна Јаневска.
Додаде дека покрај проширување на капацитетите во училиштата во Ѓорче Петров, ќе се гради и доградува и во други општини во кои има потреба, но дека тоа е процес и за промените треба време.
– Има потреба да се гради училиште во Аеродром, има потреба да се гради училиште во Чаир. Значи, ситуацијата се менува. Тоа е процес и не може да се промени од денес до утре, но она што сме го кажале дека ќе го правиме за да ги задржиме младите и да им овозможиме услови во кои тие би сакале да останат, ние тоа го правиме. Вклучително и со законот за високо образование – да останат во оваа земја, да студираат и да учат во оваа земја, да се вработат на овој пазар на труд, а не да го бараат чарето некаде во странство – додаде министерката.




