Претседателот на Швајцарија, Ги Пармелан, изјави дека Швајцарија ја гледа Србија како најважен партнер на Западен Балкан и дека за време на неговата претстојна посета на Белград би сакал да разговара за конкретни начини за продлабочување на соработката во областите каде што двете страни гледаат потенцијал, особено во економијата, развојот на вештини, технологијата и отпорноста во променливото меѓународно опкружување.

Во интервју за „Блиц“, тој оцени дека, во ова време на меѓународна неизвесност, стабилните и предвидливи односи се „вредни квалитети на кои можеме да се потпреме кога работиме на диверзификација, модернизација и подобрување на нашите економски и научни односи“.

Пармелан ќе биде во посета на Србија во вторник и в среда.

Тој оценува дека насоката на односите меѓу двете земји се движи кон поблиска и поразновидна соработка и дека, економски гледано, Србија е најважниот партнер на Швајцарија на Западен Балкан.

Пармелан верува дека решението за односите меѓу Белград и Приштина лежи во дијалог, нормализација и практичен напредок што ги подобрува животите на луѓето од двете страни, како и дека Швајцарија, со цел да го поддржи дијалогот под покровителство на ЕУ, им нуди на двете страни неформален заеднички процес на посредување.

„Со создавање вакви можности за дијалог, Швајцарија може да придонесе за создавање решенија. Регионалната стабилност и европската интеграција се приоритет на нашата надворешна политика“, рече тој.

Тој нагласува дека е импресиониран од економскиот напредок постигнат во балканските земји во последните две децении и дека промовирањето добри економски односи е една од целите на неговата посета на Србија и на Македонија.

„Овој напредок не може да се постигне без одреден степен на стабилност. Покрај тоа, оваа стабилност е тековен процес кој во крајна линија зависи од меѓусебната добра волја“.