Најновиот зафат изведен со врвна технологија е доказ дека Македонија ги следи светските трендови, а дури и предничи во некои оперативни процедури во светот. Последен таков случај е реконструкција на нос со 3Д печатен персонализиран имплант кај пациент којшто го загубил носот поради малигна болест. Со овој зафат, извршен минатиот месец на Универзитетската клиника за пластична хириргија во Скопје, неговиот квалитет на живот е значително подобрен, пред се, поради ентузијазмот и иновативноста на лекарите д-р Софија Пејкова и д-р Стефан Арсенков.

За тоа како се одвивала целата процедура, закрепнувањето на пациентот и што се било потребно за да е случи овој зафат, по првпат во Македонија, но и во регионот и пошироко, разговаравме со д-р Пејкова и д-р Арсенков, кои детално ни појаснија како дошол првиот контакт и идејата да се изработи персонализиран 3Д имплант на нос.

Д-р Пејкова за МИА ни раскажа како почнала целата приказна и контактот со д-р Арсенков, којшто е и еден од основачите на 3D Loom, стартап кој ја менува хирургијата со 3D моделирање.

-Се започна со пациентот. Јас сум пластичен хирург на Универзитетската клиника за пластична хирургија, каде што работам реконструктивна хирургија. Кај нас пластичната хирургија опфаќа многу широка патологија, меѓу кои се и малигните промени на кожата. Тука стануваше збор за пациент којшто имаше малигна промена на дорзумот на кожата, односно на носот, што ја опфаќаше скоро целата површина што е видлива за нас. Меѓутоа, нашата прва работа е кога имаме таква состојба на малигна неоплазма мора да бидеме радикални, односно да ја отстраниме целата промена во здраво. Па потоа доаѓа каква база на дефект ќе добиеме и какви ќе бидат реконструктивните постапки, појаснува д-р Пејкова.

Таа истакна дека поради тоа што пациентот бил во напредната фаза на болеста, единствена опција за него како пациент и за нив како хирурзи, било да го отстранат комплетно носот.

-Во тоа успеавме. Добивме хистопатолошка верификација дека сме постигнале маргини директно здраво, меѓутоа имавме пациент без нос. И тука почна целата приказна, вели д-р Пејкова.

Таа истакна дека досега постојат многу процедури што можат да се користат за реконструкција на носот, но тоа е многу комплексна структура на нашето лице и не прави да бидеме посебни и да бидеме уникатни и ни дава навистина една посебност во појавата.

-Има 3Д форма и е комплексен и од тој аспект и од аспект на неговата конфигурација. Има ‘рскавичен дел, има коскен дел, кој што е всушност базата на носот и потоа се мекоткивна покривка, односно она што ние го гледаме, меѓутоа не само од надвор, туку и од внатре. Како што имаме слузница која што ни овозможува лесно да дишеме и да зборуваме, така што е многу комплексна како структура и голем предизвик за реконструкција, појаснува д-р Пејкова.

Докторката вели дека во реконструктивната хирургија постојат многу опции, но треба да се избере најидеалната за пациентот или оптималната.

-Може да се земе ‘рскавица од увото, може да се земе дел од ребро кој што ќе треба да се измоделира за да се добие таа основа што ќе ги држи мекоткивните структури. Меѓутоа, ете, јас сум веќе долго време во пластичната хирургија. За мене тоа никогаш не било оптимално. Секогаш може да биде и подобро. И токму тоа им го кажувам на моите специјализанти, студенти дека секогаш мораме да се стремиме кон нај оптималното што може да го добиеме, вели д-р Пејкова.

Таа вели дека со д-р Арсенков ги споиле студентите, за кои вели дека се големи ентузијасти кои инспирираат, и оти е горда што има таква генерација. Потоа стапиле во контакт, му ја раскажала целата историја на пациентот, му ги покажала фотографиите, по што д-р Арсенков и кажал оти е предизвик, но е возможно да се изведе.

-Нас не споија студентите во име на пациентите. Имав предавање за студенти и првото прашање што им го поставувам кај прво предавање од пластична хирургија, што имам чест да им го предавам и им велам, што е за вас пластична хирургија? Знаете што е одговорот? Ботокс. Јас велам – навистина сум разочарана. Мора да се зборува, да се инвестира во нив и да се насочуваат, бидејќи и тоа им објаснив, ние со Стефан имаме пациенти, а тие што работат ботокс, филери итн.. тие имаат клиенти, вели таа.

Имплантот бил работен неколку месеци додека не се дојде до посакуваниот резултат 

Д-р Арсенков, специјалист по абдоминална хирургија во УКХБ Св. „Наум Охридски“ и еден од основачите на 3D Loom, за МИА раскажува дека процесот почнал уште во првиот момент кога д-р Пејкова го побарала на телефон. Му било чест, вели дека професорката сака да разговара со него за толку сложен случај.

-Навистина беше огромен предизвик, и најинтересно, во моментот кога се слушнавме јас навистина не знаев како ќе го направиме сето тоа. И кажав на професорката дека немам ниту прочитано, ниту видено како да се прави ова. Затоа, и реков, ќе мора да правиме истражување, обиди и ќе ни требаат неколку вида додека стигнеме до нешто што е вредно да се покаже. Десетина обиди, рече д-р Арсенков.

Тој ни кажа дека процесот траел од септември, лани, до февруари оваа година и оти првите неколку месеци биле технички и технолошки процеси, а потоа она што е добиено да се рафинира за да стане доволно добро за да може да биде вградено кај пациентот.

-Целиот процес траеше. Беше интензивен, бараше многу труд. Повремено ќе се јавеше професорката да праша до кај си. А јас од многу обиди не сум стигнал да кажам што се случува ново, затоа што сме имале шест неуспешни обиди. Што да кажам? Не ми успеа шест пати по ред не, не излегуваше како што треба. Така што имаше многу обиди, многу беше интензивен тој процес, особено подготовката, се додека најдеме начин како да го изведеме. Но, откако го направивме, мислам дека сега сме на многу добар пат да можеме да го репродуцираме и повториме сето тоа, појасни д-р Арсенков.

Изработениот 3Д модел е уникатен – споен е најстариот со најновиот метод во пластичната хирургија 

Д-р Пејкова појасни дека моделот е направен од полиметилметакрилат и е исперфориран за да може да има контакт на надворешниот дел од носот со внатрешниот. Втората уникатност е што по прв пат употребиле резен, односно бил земен дел од кожа од челото, за разлика од досега изведени реконструкции  со ваков тип со 3Д принтање со слободни резени од делот на раката.

-Кога го планиравме концептот за реконструкција, навистина можевме да го направиме и тоа да земеме слободен резен од раката од каде било. Меѓутоа, идејата беше да биде колку што може послично со околината на лицето и овде земавме од самото лице. Значи земавме, дел од кожа, односно резен кој што е од чело, чија текстура, боја, е иста како што е на лицето и затоа сега навистина на него не се приметува дека има направено каква било операција. И беше многу интересно пред да ја направиме оваа операција, бидејќи навистина немаше од каде ние да прашаме дали може, дали вреди, вели таа.

Докторката, која е член и на Американската академија за пластични хирурзи, каде што имала предавања од страна на светски имиња, меѓу кои и Самир Мардини, директор на Мејо клиниката за пластична хирургија, чија специјалност е трансплантација на лице, појаснува дека станува збор за многу компелксна реконструктивна процедура

– Тоа е многу совршена и комплексна реконструктивна процедура, меѓутоа работи со полиметил метакрилат и најмногу со Стефан разговаравме за овој материјал кој се користи многу, рече д-р Пејкова.

Д-р Арсенков, пак, додаде дека тој материјал многу долго има употреба во медицината како материјал, само што за оваа употреба малку е документирано. Тој веќе претходно со овој материјал направи реконструкција на череп, без никакви компликации.

-Меѓутоа во овој случај е нос, дишеме, тоа е влез на многу надворешни влијанија. Тој си има природно флора која што е бактериска и поради тоа бевме малку скептични. Јас го прашав професорот Мардини, му ја објаснив целата состојба. Ми вели, па што не земеш од рака, а јас му одговорив дека сакаме да бидеме уникатни. А тој резен што го искористивме е всушност првиот резен од пред многу векови од Индија, кој што така почнува нашата пластична хирургија. И велам сакаме да го споиме најстарото со најновото. Тој беше малку скептичен, но сепак, потоа ми кажа дека нашиот концепт е издржлив и оти смета дека ќе биде како што треба. Ни кажа некои работи како да ги држиме отворени носниците за да не добие пациентот во првиот акт инфекции. Д-р Мардини не следеше во секој чекор од процедурата, така што тоа ни беше како еден ветар в грб, кога се вративме од Америка дека можеме, раскажа д-р Пејкова.

Д-р Арсенков со воодушевување раскажа дека за него било неверојатно дека за нешто што тој го направил зборувал директорот на Мејо клиниката при што го употребил и зборот breakthrough – целосно новина.

Пациентот по изведувањето на процедурата немал компликации 

Д-р Пејкова ни појасни дека во првите недели по имплантацијата немале никакви компликации, во однос на инфекции кои можеле да се појават. – Немаше никаква терапија, освен аквамарис спреј, тоа не е лек. Тоа му беше лекот постопоперативен. Но, сепак тоа не е нормална слузница, туку со цел за да ја направиме да биде, што поблизу до реално, рече д-р Пејкова.

Д-р Арсенков пак, кажа дека за него бил интересен моментот кога првпат ги ставиле капките за нос.  -Вели стави, треба да се види дали е проодно. Треба да паднат каде што треба. Првото прашање е дали дојдоа во грло капките. Ако дојдат значи проаѓа како што треба. Така многу, да речам интелигентен и интересен тест да се види дали е се проодно како што треба, вели тој.

Двајцата доктори се согласија дека пациентот бил многу принципиелен и трпелив, што било идеално за да се изведе ваква процедура, што воедно е и прв ваков случај.

Предноста на 3Д печатењето е применета во ретки и комплицирани случаи, со новата технологија употребата може да оди во недоглед 

Д-р Арсенков истакнува дека предноста на 3Д печатењето е неговата примена во ретки и комплицирани случаи, затоа што се друго што е рутина сериски се произведува и се однесува на веќе решен проблем.

-Поентата е дека ние тука имаме персонализиран имплант што одговара само на еден човек, само на еден пациент, за само еден случај. Тоа е предноста што ја имаме. А до каде може да оди, не можеме да замислиме, затоа што сè она што пред година – две не било зможно веќе станува возможно со напредокот на технологијата и иновациите. Но, тоа што го имаме е само алатка. Нам ни се потребни вакви случаи и хирурзи како професор Пејкова, кои се спремни сите тие иновации и новитети да ги применат за да се добие максимален ефект кај пациентите. Така што, можности има многу. Колку има волја да се аплицира од тоа е едно, сепак, апликацијата мора да биде соодветна за секој пациент. Кај пациенти коишто се борат со малигна болест, кај кои што е неминовно и неопходно да се направи таква тешка интервенција, може да се постигне многу добар ефект, појаснува д-р Арсенков.

Д-р Пејкова најави дека следната недела, од 6 до 8 мај во Скопје ќе се одржи едукативен курс каде ќе учествуваат најголеми имиња во пластичната хирургија.

-Ова ни е трет по ред ваков курс за микрохирургија, бидејќи таа станува непопуларна, бидејќи не е ботокс и филер. Една операција трае со часови. Не е за три минути да добиеш пари. Сега во Скопје доаѓаат врвни имиња на хирурзи, како Џун Пио Хонг од Сеул, кој е претседател на Светската асоцијација за микрохирургија, потоа Марко Иноченти од Италија, Џауме Масиа од Барселона, кој е директор на Школата за реконструктивна микрохирургија во Европа. Доаѓа и Ерик Сантамарија од Мексико, чија специјалност му е глава и врат. Овие врвни имиња ќе бидат во Скопје и целиот курс е за нашите специјализанти по пластична хирургија. Меѓутоа оваа година ги вклучуваме и васкуларна хирургија, кардиохирургија, ОРЛ, максилофацијална. Ние имаме Македонска асоцијација за реконструктивна микрохирургија. Имаме поддршка од Факултетот, вели д-р Пејкова.

Таа подвлекува дека е тешко да се дојде до едукација, а курсевите чинат многу, од три до пет илјади евра, додека ова ќе биде бесплатен курс за нашите специјализанти и затоа, вели, успехот да се организира ваков настан е толку голем.

Огромни се предностите на вештачката интелегенција во медицината – човечкиот фактор сепак пресуден 

Д-р Пејкова и д-р Арсенков ги прашавме за предностите и недостатоците на употребата на вештачката интелегенција во медицината – двајцата се согласни дека предностите се огромни, но сепак пресуден е човечкиот фактор.

-Ако јас во тек на операција повредам крвен сад со инструмент, не ми е инструментот виновен. Значи јас сум одговорен за тоа како аплицирам и како ракувам со инструментите. И со вештачката интелигенција не може, сè уште не може и мислам дека таа никогаш нема да може автономно да носи одлуки без човечки надзор. Па нека е само заради одговорноста, но несомнено е дека нуди огромен потенцијал, и е голем чекор напред, вели тој.

Според него, ако не го ставиме во игра профитот од пациенти, ако ја користиме само за да го подобриме животот и исходот кај пациентите и ако ја користиме разумно со одговорност на секој што ја користи, не мислам дека може да има големи негативности.

-Ако сакаме да ни замени пет работници за да заработиме повеќе или за да истретираме повеќе пациенти во пократок период, заради профит, тогаш ќе има големи грешки и ќе има многу негативности. Но ако ја користиме за надминување на пречки кои што постојат, а за кои можеби ние немаме автохтон начин тоа да го направиме, тогаш сигурно ќе ни донесе повеќе, оценува д-р Арсенков.

Тој истакна дека кога ќе се даде слобода на вештачката интелигенција може да ни воочи и некои работи кои што ни биле пред нос, а не ги гледаме и може многу да напреднаме.

-Така и во медицината, можеби ние имаме некоја корелација или некоја причинско-последична врска помеѓу две состојби кои што се многу јасно сврзани, а ние едноставно не сме ја виделе до сега. Зборувам ние како луѓе и како академска сфера, така што може да има големи чекори напред, но сепак мора одговорно да се користи. Сè што користиме неодговорно ќе биде лошо. Дали е тоа велосипед, што и да е, автомобил… Ако неодговорно се движиме по улица, може да има проблеми, рече тој.

Д-р Пејкова е согласна со д-р Арсенков дека во микрохирургијата има се поголеми чекори кон користењето на вештачката интелегенција.

-Сега вештачка интелигенција е machine learning. За да можеме на луѓето да им објасниме што значи супермикрохирургија, тоа е исто како кога ќе земете еден сончоглед па ги сошиете внатре полените. Тоа е толку мало. Кај тие мали и супер прецизни движења, мал тремор е грешка. Роботот нема тремор. Меѓутоа го управува хирургот на џојстик. Јас го гледам крвниот или лимфниот сад и му давам наредба на роботот кои движења треба да ги направи, заклучува д-р Пејкова.

Неда ДИМОВА ПРОКИЌ за МИА