Венко Филипче прати социјал демократски поздрав од Рим, каде е на екстра продолжен викенд за Меѓународниот ден на трудот и уште еднаш реално покажа колку лажно е загрижен за работничките права и работниците, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, кое МИА го објавува интегрално.
По бегството од седницата за пратенички прашања во Собранието и пропуштање на можноста од соочување, Филипче уште еднаш само потврди дека политичкиот туризам, личниот интерес и уживање му се приоритет пред граѓаните.
Филипче потврди дека реториката од типот „се грижиме за граѓаните и работничките права“ се косат со реалното политичко и приватно однесување и делување на раководството на СДС и Филипче.
Дека СДС и Венко Филипче не се доследни и немаат стартегија и план за сопствената партија и државата, говори и фактот што Филипче упорно се обидува да се продаде како единствен арбитер за европскиот пат додека нема црвени линии и е спремен на секакви отстапки само за да дојде на власт.
СДС и Филипче се без концепт.
Филипче тоне во сервилност без крај исто како и неговиот ментор Заев и е спремен да ги распродаде националните интереси само да ја зачува фотелјата на Бихачка.
СДС и Филипче само декларативно се залагаат за Европа, додека во пракса водат политика според приликите и личните лукративни цели на кланот Заеви и Венко Филипче.
За таа цел Филипче е спремен на се, па затоа спинува изјави на европски пратеници вклучително и Томас Вајц кој јавно го демантираше, шири лаги за блокирани ИПАРД средства во обид да ги манипулира земјоделците и повторно беше јавно демантиран, бидејќи средствата се на располагање на земјоделците.
СДС и Филипче ниту се однесуваат, ниту делуваат проевропски. Декларативно се повикуваат на Европа додека се опкружени со криминалци, го поткопуваат демократскиот систем и работат спротивно на вредностите на вистината, одговорноста и достоинството.




