Клиничката болница во Тетово ќе добие еколошки систем за греење. Проектот за замена на системите за греење со еколошки алтернативи е поддржан преку ИПА 3 програмата за чист воздух и се очекува да се реализира во периодот 2026/2027 година.
Министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа денеска беше во посета на Клиничката болница во Тетово каде во разговор со директорот на болницата Ерзен Елези беше истакнато дека оваа активност се спроведува паралелно со пошироката реконструкција на Клиниката и претставува дел од националните напори за намалување на аерозагадувањето и подобрување на квалитетот на воздухот.
– Со овие инвестиции, државата презема конкретни чекори да води со пример, започнувајќи од јавните институции, со јасна цел – постепена замена на нееколошките системи за греење во сите јавни објекти во земјата. Со оглед на големината на Тетовската клиника, се очекува овој проект да има значаен ефект врз намалувањето на урбаното аерозагадување, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.




