Како иден премиер, прв закон што ќе го потпишам е законот за нулта толеранција на корупцијата, веднаш по победата на СДСМ на следните парламентарни избори, истакна денеска на прес конференција претседателот на СДСМ Венко Филипче нагласувајќи дека борбата против корупцијата ќе се води во соработка со Европското јавно обвинителство.

– Борбата против корупцијата мора да биде системска и ефикасна, со директна вклученост на Европското обвинителство, кое ќе може да истражува случаи на висока корупција, вклучително и функционери и големи тендери, потенцира Филипче.

Тој денеска на прес-конференција го промовираше „Фронтот за вистина и правда“, кој, како што рече, ќе обедини опозициски партии, граѓански организации и поединци околу заедничка платформа за европска Македонија и борба против корупцијата.

Претседателот на СДСМ информира дека предлог-законот предвидува засилена соработка со Европското јавно обвинителство, формирање национална антикорупциска дирекција по моделот на романската ДНА, како и целосна дигитализација на јавните услуги и набавки.

Дополнително, се предвидува воведување електронска имотна декларација со проверка преку системи на вештачка интелигенција, заштита и наградување на пријавувачи на корупција, како и воспоставување јавен регистар на лица осудени за корупција.

– Граѓанин кој ќе пријави корупција ќе добие награда од 5 до 15 проценти од вратените средства, со цел целосна заштита на идентитетот и поттикнување на пријавувањето, истакна Филипче.

Во обраќањето, Филипче се осврна и на економската состојба, оценувајќи дека буџетот е лоша состојба и ја обвини Владата за лошо менаџирање на јавните финансии.

– Нема раст ниту на минималната ниту на просечната плата, граѓаните не чувствуваат подобрување на стандардот. Во исто време има значителен пад на странските инвестиции, а Владата побара ново задолжување од 300 милиони евра за да ја пополни буџетската дупка, рече претседателот на СДСМ.

Тој посочи дека државата побарала заем од 300 милиони евра, но обезбедила 260 милиони евра со каматна стапка од 4,57 проценти и средства од повеќе финансиски институции, што според него укажува на намалена доверба кај кредиторите. Дополнително, наведе дека јавниот долг е зголемен за околу две милијарди евра, достигнувајќи околу 11 милијарди евра, при што го спомена и заемот поврзан со кинески средства преку Унгарија.

– Овие параметри се сигнал дека економските политики се погрешни и дека државата се соочува со сериозни финансиски предизвици, нагласи Филипче.

Покрај тоа, укажа на доцнење на исплати, наведувајќи дека вработени во Пошта не ја добиле априлската плата, како и дека земјоделците се соочуваат со намалени и задоцнети субвенции.

Филипче оцени дека јавниот долг е зголемен во изминатиот период и порача дека, според СДСМ, се потребни системски промени за подобрување на економската состојба и борба против корупцијата.

Фото: СДСМ