Фотографијата објавена на Truth Social го прикажува Трамп во воен амбиент, со бродови, молњи и порака што многумина ја протолкуваа како предупредување.
Американскиот претседател Доналд Трамп повторно предизвика реакции со објава на AI-генерирана фотографија на Truth Social, овојпат со предупредувачка порака: „Тоа беше затишје пред бура“. Со оглед на зголемени тензии околу Иран, фотографијата ги оправдува стравувања дека САД би можеле повторно да се вклучат во воени дејства во регионот.
На фотографијата, Трамп е прикажан со MAGA-капа на брод на американската морнарица, покрај висок воен офицер, додека околу нив има разбранувано море, молњи и бродови со иранско знаме во позадина. Пораката веднаш беше протолкувана како сигнал кон Техеран, особено по извештаите дека во Вашингтон се разгледуваат можни нови удари врз Иран.
Според NDTV, објавата се појавила во период кога американските медиуми пишуваат дека Трамп треба да донесе важна одлука за Иран, додека неговите соработници подготвуваат опции за воена акција доколку дипломатските напори пропаднат. Times of Israel исто така ја пренесува објавата како дел од пошироката нервоза околу можноста конфликтот повторно да ескалира.
Ова не е првпат Трамп и неговиот политички круг да користат AI-слики како дел од политичката комуникација. Во последните месеци, повеќе американски медиуми анализираа како AI-визуелите стануваат дел од поагресивен политички стил, во кој симболиката, заканата и интернет-естетиката се мешаат во една порака што брзо станува вирална.




