За 51 отсто се зголемиле вонредните контроли на траектите, туристичките бродови и сите други видови пловни средства во Грција во однос на безбедноста, противпожарната заштита, средства за спасување, а контролите дополнително ќе се интензивираат во пресрет на летната сезона, соопштија од Министерството за поморство на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

До 21 мај годинава биле спроведени 515 вонредни инспекции, наспроти 341 во истиот период лани, додека пак, редовните инспекции се зголемиле за 4,3 отсто.

Паралелно, според надлежното Министерство, значително зголемување има и кај забраните за пловидба, што оваа година достигнале 50, во споредба со само четири минатата година

– Контролите, меѓу другото, се однесуваат на безбедноста на бродовите, противпожарната заштита, средствата за спасување, одржувањето и исправното функционирање на опремата и моторите, обуката и подготвеноста на екипажите за справување со вонредни ситуации, како и почитувањето на предвидените правила за безбеден превоз на патници и возила, соопштија од Министерството.

Министерот за поморство на Грција Василис Кикиљас порача дека зголемувањето на вонредните контроли е пред сè за безбедноста на луѓето и дека нема да прават „никакви отстапки кога станува збор за безбедноста.“

На безбедноста како главен приоритет се осврна и началникот на крајбрежната служба на Грција Христос Конторухас кој рече дека оваа безбедност се однесува не само на траектите и туристичките бродови, туку и на безбедноста на капачите, на туристите, на морнарите. (МИА)