Македонија нема да спроведе уставни измени без јасни, цврсти и писмени гаранции од Европската Унија, изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на прес-конференција во Скопје.
Тој оцени дека државата во минатото платила „прескапа цена“ поради политиките на претходната власт и нагласи дека актуелната Влада нема да дозволи нови отстапки без конкретни гаранции за напредок во евроинтегративниот процес.
„Овој пат уставни измени без јасни, цврсти и писмени гаранции во форма на заклучоци од ЕУ – нема да има“, истакна Манасиевски.
Според него, Македонија и граѓаните немаат право повторно да бидат разочарани од процесот на европска интеграција.
„Нема повторно да се прават отстапки без гаранции, без заштита на националните интереси и без сигурност дека тие отстапки навистина ќе значат напредок во евроинтегративниот процес“, рече тој.
Манасиевски упати порака и до лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кого го нарече „специјален бугарски пратеник“, повикувајќи го да ја пренесе позицијата на Македонија до бугарскиот претседател Румен Радев.
„Додека не видиме испорака од нивна страна, Македонија нема да се помести ниту милиметар од својата политика“, нагласи Манасиевски.
Тој додаде дека Македонија очекува исполнување на пресудите од Европскиот суд за човекови права во Стразбур, како дел од условите за понатамошно придвижување на процесот.




