Нашиот став е јасен и непроменет и нема цена која што може мене како претседател на Владата да ме натера да влезам во таква авантура, а во која што нема да има извесен крај, изјави денеска претседателот на Владата Христијан Мицкоски во врска со вчерашната посета на претседателот на Евтопскиот Совет, Антонио Кошта и ставот дека мора да се донесат уставни измени за да почнат преговорите за влез во ЕУ.

Мицкоски беше дециден дека за овие 26 години многу пати ни беа давани ветувања за отстапки, но и дека ставовите кај нашиот сосед во однос на ова прашање се радикализираат. Тој ги повика граѓаните да се обединат околу ставот на Владата по ова прашање.

– Ние со господинот Кошта имаме изградено, навистина би рекол, искрен однос. Тоа не значи дека секогаш се сложуваме. Една од темите за која што не се сложуваме е токму оваа за која што вие денеска зборувате. Нашиот став е јасен и непроменет. Со други зборови еве да го повторам: нема цена која што ќе не натера да влеземе во авантура без притоа да знаеме дека таа авантура ќе има извесен крај. Не постои цена која што може мене како претседател на Владата да ме натера да влезам во таква авантура, а во која што нема да има извесен крај – истакна Мицкоски.

Многу пати во минатото, додаде тој, на граѓаните, но и на политичарите од македонската Влада им беа давани ветувања.

– Беа тапкани по рамо дека уште ова треба да се направи, верувајте ми на зборот, но, за жал, ние се наоѓаме на истото место каде што се наоѓаме пред 26 години. Од информациите коишто јас ги имам и тоа што ми беше соопштено од билатералната средба меѓу министрите за надворешни работи, нашиот и на нашиот источен сосед, мислам дека таму драматично се радикализира состојбата, и не само што ова не е единствениот услов за да влеземе во процесот и тој процес да го изодиме до крај, туку напротив таму работите драматично се радикализираат, а причината за тоа е, нормално, опозицијата кај нас, која што, за жал, не бира средства за да ги урива позициите на Владата кога станува збор за одбрана на македонските национални интереси и претставува мекото ткиво на македонскиот национален идентитет – нагласи премиерот Мицкоски.

Тој притоа ја повика македонската јавност да застане и да се обедини околу политиките на Владата кога станува збор за ова прашање бидејќи, како што рече, „колку повеќе сме заедно, обединети, толку повеќе сме силни и дома и надвор“. „А овие коишто се мекото ткиво, додаде, „ќе бидат наскоро поразени и минато на политичката сцена во државата“.

– Но и тоа ќе го издржиме, имаме доволно сила. Ние сме подготвени за сето ова, имаме факти, имаме аргументи, ќе работиме… Ова не е спринт, ова е маратон. Потребна е стратегија, план, визија… Ова се победува со ум. Не се победува со брзање и под притисок – нагласи премиерот Мицкоски на прес-конференција во Владата.

Фото: Влада