Бугарскиот претседател Румен Радев денеска на Меѓународната конференција на високо ниво за обнова на Украина во полскиот град Гдањск издвои три стратешки области во процесот на обновување на земјата, во кои може да се смета на поддршка и преку иницијативите за регионална соработка – енергетската диверзификација, поврзаноста во регионот на Црното Море и соработката во областа на безбедноста.
Ова го соопшти владината прес-служба на Бугарија, пренесува БТА.
Радев истакна дека меѓународната заедница треба да ги мобилизира напорите и средствата за ставање крај на војната во Украина, што би го отворило патот за нејзина долгорочна обнова.
– Оваа војна на исцрпување, уништување и пустошење мора да заврши – нагласи Радев.
Според него, прекинот на воените дејствија и барањето одржливо мировно решение врз основа на Повелбата на ОН и на принципите на меѓународното право, со користење дипломатски средства, треба да биде заедничка цел.
Радев потсети дека Бугарија е земја членка на Европската Унија со најголемо национално малцинство во Украина, при што бугарската дијаспора таму брои повеќе од 250.000 луѓе.
Тој нагласи дека токму поради тоа Бугарија има силен интерес за воспоставување мир и за создавање најдобри услови за обнова на Украина.
– Бугарија е подготвена активно да работи и цврсто е посветена на овој процес – изјави Радев.
Претседателот на Бугарија додаде дека надминувањето на последиците од војната во Украина не е само економски проект, туку прашање од значење за стабилноста, безбедноста и конкурентноста на цела Европа.
Тој истакна и дека Бугарија е подготвена долгорочно да го поддржува процесот на обнова.
Радев се осврна и на амбицијата на Украина за членство во Европската Унија, повикувајќи таа да стане вистински двигател на институционалните реформи и модернизацијата, како и на создавањето атрактивна, транспарентна и предвидлива економска средина која ќе го поттикне домашниот бизнис и директните инвестиции.
Украинската вицепремиерка и министерка за економија Јулија Свириденко денеска изјави дека Украина во следните два дена очекува да потпише повеќе од 160 договори во вредност над 10 милијарди евра во рамките на конференцијата во Гдањск.
фото: Архива




