Македонската песна повторно одекнува со полна сила. Целосната снимка од спектакуларниот концерт на Влатко и Златко Миладиноски, одржан во преполната арена „Борис Трајковски“, од денес е достапна на официјалниот YouTube канал на Влатко Миладиноски, овозможувајќи им на сите љубители на македонската музика повторно да ја почувствуваат атмосферата од една од најголемите музички вечери во последните години.

Концертот уште од самата најава привлече огромно внимание, а вечерта во арената прерасна во вистинско македонско музичко востание. Илјадници посетители во еден глас ги пееја најголемите хитови, додека љубовните, печалбарските, патриотските и народните песни создадоа емоции што ретко се доживуваат на домашната музичка сцена.

Еден од највпечатливите моменти беше големото оро кое се разви низ преполната арена, претворајќи го концертот во симбол на заедништво, традиција и љубов кон македонската песна. Токму затоа многумина овој настан го опишаа како вечер што ќе остане запаметена како еден од најзначајните музички спектакли во поновата македонска историја.

На сцената настапија повеќе од 30 врвни музичари, придружувани од играорци, балетски и современи танчери, кои создадоа визуелен и музички спектакл. Покрај Влатко Миладиноски и оркестарот на Златко Миладиноски, како специјални гости настапија Виданка Георгиевска, Влатко Лозаноски, Некст Тајм, Елена Андоновска, Дамјан Стојаноски и Дарко Стојаноски. Посебна емоција внесе маестралната изведба на гајдаџијата Стефче Стојкоски, додека воведниот текст го интерпретираше актерот Владо Јовановски, по текст на Регина Икономовска.

Зад реализацијата на концертот стоеше искусен тим професионалци. Организатор беше Balkan Media, продуцент Трајче Петковски, видео продукцијата ја реализираше Moonlight Production, аудио продукцијата беше доверена на City Sound, а сценографијата ја потпишува Зоран Тошески. Врвната продукција, сценографија и организација дополнително придонесоа концертот да стане настан за кој сè уште се зборува.

Со објавувањето на целосната снимка на YouTube, сите кои не успеаја да бидат дел од спектаклот конечно имаат можност да го проследат во целост, а оние што беа присутни повторно да ги доживеат емоциите, песните и атмосферата што ја претворија оваа вечер во вистинска прослава на македонската музика и културно наследство.

По успешните концерти во Македонската опера и балет, на Античкиот театар во Охрид и во СЦ „Борис Трајковски“, Влатко Миладиноски веќе го најавува следниот голем музички спектакл – концертот на 29 јули на антолошката сцена на локалитетот Хераклеја во Битола, каде што се очекува продолжение на музичката приказна која ги обединува генерациите околу македонската песна.