Може ли навистина да се работи од кое било место во светот во согласност со денешните современи технолошки услови? Потврдно на ова прашање одговараат во изјава за МИА германскиот претприемачки пар Александра Рондорф (53) и Јирген Валенајт (56).

Двајцата минатата година направиле одлучувачки чекор да почнат тригодишно патување околу светот. Опремени со олдтајмерот „форд бронко“, приспособен на нивните барања да биде во улога и на дом и на канцеларија додека трае нивното патување, необичната авантура ја почнале од Келн со крајна дестинација Сиднеј, Австралија.

Парот отвори и свој јутјуб-канал MilesMeetsMoments, каде што го документира своето патување имајќи цел да ја комбинира авантурата со бизнисот додека соработуваат со компании и креираат маркетинг-содржини директно од терен.

МИА стапи во контакт со Рондорф и Валенајт при нивната обиколка на Балканот, поточно во Хрватска, каде што престојуваат овие неколку дена.

Што е MilesMeetsMoments и што ве мотивира на овој чекор?

Александра: Добро прашање бидејќи ова не е вообичаен проект. MilesMeetsMoments е светски патувачки проект, на кој јас и Јирген му припаѓаме. Ние сме професионални светски патници. Патуваме од Келн до Сиднеј со возилото што го гледате во заднина, „форд бронко“. Спиеме во него, работиме во него. Тоа е нашата патувачка платформа, наша канцеларија, дом, тоа ни е сè. На нашето патување до Сиднеј среќаваме разни луѓе, тоа е нашиот фокус, да среќаваме луѓе од разни земји, главно Германци, кои си ја нашле среќата во други земји и тука си отвориле бизниси. Сакаме да се вратиме со приказни од луѓе што живеат насекаде во светот и да ги претставиме пред германските претприемачи за да видат што е возможно во светот.

Како го креиравте концептот за вашето тригодишно патување?

Јирген: Ова не беше лесно. Ние сме маркетинг-луѓе и многу добро знаеме што значи да се направи концепт, како и добри и нови идеи. На почетокот не беше едноставна идејата за долго патување. Сакавме да направиме слика на поширокоопфатен проект и ние да не сме агенцијата, туку да бидеме клиентите. Ние го почнавме проектот, а клиентите може да дојдат со нас. Вистинското прашање беше – можеш ли навистина да работиш од кое било место во светот? А ова е доказ за концептот на нашата идеја.

Да, можно е да работиш од возило и да се среќаваш со претприемачи, на пример, овде (каде што сме сега) во Хрватска и да ја најдеш магичната нишка помеѓу претприемачите со германско потекло во Хрватска и претприемачите во Германија или претприемач со извондредна интернационална идеја и германски претприемач, кои ги имаат секогаш истите идеи.
Тогаш направивме план за раскажување приказни, за посета на земји, да го купиме автомобилот и да го оспособиме, па по некое време, а се спремавме две години пред да почнеме да патуваме, можевме да го почуствуваме тоа и секој месец си велевме – да, ќе почнеме.

Александра: Да, почнавме само со идеја и имавме во моментот храна и си стоевме пред патувачко комбе, па си помисливме – би било супер да патуваме со такво возило низ светот. Тоа беше почетната точка, се роди идејата дека сакаме да направиме такво нешто. Потоа таа растеше и растеше, па си рековме, добро, можеме да одиме како на одмор бидејќи сè уште работевме и сакаме да ја продолжиме нашата работа, па се прашавме како можеме да ги комбинираме патувањето и работата. Па почнавме да бараме возило и го најдовме во Братислава, Словачка, отидовме таму и направивме тест-возење, што беше добро, и видовме дека може да се работи од ова возило бидејќи тоа е посебно возило за нас. Тоа е како магнет и препознавани сме насекаде со него, па така се роди целата оваа идеја.

Колку земји посетивте досега?

Александра: Со автомобилот досега посетивме 19 земји, а секако познаваме и други држави што сме ги посетиле претходно. Ова можеме точно да го кажеме бидејќи назад на автомобилот имаме мали налепници со знаменца и секогаш кога ќе влеземе во нова земја, лепиме ново знаменце од таа земја. Најдолго се задржавме во Мароко. Не ни беше планирано толку долго да се задржиме, а на крајот останавме 6 месеци, со мали прекини, бидејќи не е дозволено таму да се остане подолго време, па првично престојувавме три месеци. Потоа отидовме на една недела во Германија и пак се вративме и го продолживме патувањето таму бидејќи беше навистина многу интересно и поинакво од европските земји. Имаше многу што да се научи и види таму за луѓето и културата, така што одлучивме дека вреди да се остане подолго.

Јирген: Главното не е колку земји на број ќе поминеме, туку многу повеќе искуството што ќе го стекнеме и луѓето што ќе ги сретнеме. Сите земји не е исти. Се среќаваме со многу интересни идеи, луѓе, концепти и пазари.

Дали вашата идеја се развиваше низ платформата? Што научивте досега?

Јирген: Да, апсолутно. На почетокот многу размислувавме за содржините на патувањето, но не беше наша намера да предлагаме продажба на патувачки содржини. Секој инфлуенсер и секој што се занимава со патување креира патувачки содржини, тоа е премногу лесно. Но, со текот на времето сфативме дека комбинацијата патување, бизнис и автентично раскажување приказни е многу помоќна.

Александра: Научивме дека многу компании не сакаат традиционално рекламирање. Трендот е дека многумина сакаат автентично раскажување, да биде повизуелно, да биде попрепознатливо на пазарот, па си помисливме – ние сме совршен пар претприемачи кој може да им помогне на луѓето да раскажат приказна за тоа кои се, што работат, која е нивната уникатна продажна поента, само преку раскажување вистински приказни, а не реклами. Значи, тоа го научивме, тоа беше нашата уникатна продажна поента.

Вие велите: „Ние ги решаваме вистинските бизнис-предизвици директно на пазарот“. Може ли да ни објасните како тоа изгледа во пракса низ примери? 

Александра: Да, може да претставиме примери. Еден од нив е мал производ, кој го носам токму на раката. Тоа е алка, која ја користиме секаде. Никој не знае што е, освен нас, но тоа е алка што ве штити од луѓе што сакаат да ве нападнат. Тоа е алатка за самоодбрана во форма на алка и можеме да раскажуваме приказни за оваа алка каде и да сме бидејќи ако си во градот или одиш на рекреативно трчање во дел каде што нема луѓе и се појави некој што сака да ти направи нешто, ние можеме да раскажуваме приказни за таков производ во вистинскиот свет. Тоа е еден пример.

Друг пример е кога работиме честопати со хотели. За одреден хотел можеме да направиме еден вид тајна проверка, да се пријавиме како регуларни гости и потоа сè да запишеме за сопственикот на хотелот. На пример, што не ни се допаѓа, што навистина не е добро, кои процеси може да се сменат или би требало да се сменат, кој вработен е по малку чуден или што било друго. Се можеме да набљудуваме од перспектива на клиент на хотелот и сето тоа да му го пријавиме на сопственикот и сето ова може да го комбинираме со нашиот бизнис за раскажување приказни, бидејќи исто така можеме да направиме приказни од хотелот за бизнис-луѓето. Многу менаџери на хотели сакаат да стапат во контакт со претприемачи, на пример, од Германија, па ние можеме да раскажеме приказна која ќе им биде интересна на тие прептриемачи од Германија и ќе посакаат да дојдат во тоа место како гости.

Јирген: Можеме да го смениме погледот на нештата, но не како стандарден критичар за хотели, туку повеќе како германски претприемач со свое гледиште за тоа кој е најдобриот хотел во Хрватска за да се направи тимски настан или мотивациски настан и слично. Ние можеме да му ги дадеме на сопственикот на хотелот вистинските совети за тоа како да го изведе тоа на германски јазик, кој ќе биде своевиден емитер или катализатор што германските претприемачи може да го разберат. Ова е нов дел на консалтинг за компаниите.

Колку компании ви се обратиле досега и станале дел од вашата иницијатива?

Јирген: Секој месец сè повеќе компании се приклучуваат. Нашата мрежа расте чекор по чекор. Понекогаш имаме и други настани. На пример, правевме прошетка околу езерото Гарда во Италија по траса долга 180 километри, кои ги минавме пеш за 13 дена. За три дена добивме 25 поддржувачи на нашата работа. Имаме од три до пет главни спонзори на платформата и во комуникација сме со претприемачи, хотелиери, туристички организации, стопански комори и бизнис-мрежи да ни ги пренесат нашите идеи како мост од една во друга земја, каде што може да се документираат и да им се раскажат приказните на клиентите.

Во секоја земја праќаме многу имејлови и телефонски повици на компании што се од наш интерес и понекогаш имаме среќа, но повеќето контакти доаѓаат од стопанските комори. За нас тоа не е да собереме колку може по број повеќе соработки, туку ние го бараме вистинскиот партнер, компании, луѓе и дали се совпаѓаат со приказната за заемен бенефит.

Кое е вашето досегашно икуство и дали сте задоволни?

Александра: Дефинитвно сме задоволни. Секако, секогаш постои предизвик. Има падови и издигнувања.
За еден ден може да се случи да дојдат многу луѓе и да се навистина заинтересирани за она што го работиме, а другиот ден може да нема никој или луѓето ќе кажат – може да се вратите в година, сега не сме заинтересирани. Тоа е предизвик за нас – не само емоционален, туку и финансиски. Затоа тешко е да се одреди една база, работна основа, но тоа е тенденцијата. Но тоа е животот, така функционираат нештата секаде во светот, без оглед дали сте во Германија или Хрватска или Молдавија. Да, навистина сме среќни и задоволни бидејќи нашата главна цел беше да сретнеме многу култури, да се сретнеме со многу луѓе и да разбереме како размислуваат, како работат, која е разликата, што од она што го работат е добро, а што лошо, па да се извлече најдоброто од една земја и култура и да им се пренесе на другите бизнис-луѓе од целиот свет.

Какви предизвици сте разрешиле досега?

Јирген: Зборувавме за шестмесечниот предизвик во Мароко, за 180-километарската прошетка околу езерото Гарда, па следниот голем предизвик како посебен проект во ова патување низ светот е во Тирана, каде што ќе живееме пет недели и таму ќе ја чуваме куќата на еден британски пар. Ќе се грижиме за нивните миленици и за нивниот дом. Исто така, имаме предизвик кој се вика „десет евра„. Значи, секој ден ќе разговараме што може да се направи во Тирана со 10 евра. Секој ден ќе излегуваме со 10 евра и ќе разговараме со луѓето како може да се направат повеќе пари со овие 10 евра или што може да се купи со 10 евра, што можеме да јадеме за тие пари итн. Тоа е еден од предизвиците.

Додека класичен нов предизвик во компанија е да се направи приказна за раскажување за лента за пакети. Ова е многу интересно. Се работи за стандардна лента со која се лепат пакетите што се праќаат по пошта. Ќе направиме натпревар во дизајни за вакви ленти и ќе одиме, на пример, во Србија и ќе им кажеме во таа заедница дајте ни ги вашите дизајни на ленти за пакување пакети и ќе изработиме најдобри од нив. Потоа ќе ги пратиме на дизајнерот за да ни ги направи тие ленти за да може да се купуваат. Па така можеме да го популаризираме произведувачот на вакви ленти во Германија. Лентата е основен производ, не е голема работа да пакуваш пакет со лента, но ако таа изгледа убаво и е направена специјално за некоја компанија или земја, можеме на ова наше патување да направиме од таков еден обичен производ посебен продукт за кој луѓето ќе зборуваат. Ако сакаат уникатна лента, може да се обратат на произведувачот од Германија и да ја купат. Или, пак, можеме да им ги претставиме нашите специјални ленти на компании што произведуваат такви материјали и таму може да ги дискутираме и тоа е вистинско вмрежување во маркетингот. А сè е поврзано со еден едноставен основен производ.

Не е лесно да се изнајде приказна. Најпрвин треба да размислиме за неа и за тоа кој е процесот на трансформација во комуникациата за да се изнајде идеја. Да, ќе направиме дизајнерски натпревар за компании што произведуваат ленти, но тоа е најлесната идеја за бура на идеи и по еден-два дена имаш добра приказна за раскажување.

Друг пример е една компанија од Полска, која произведува апарати за гаснење пожар. Ова е лесно. Автомобилот со кој патуваме се запали на патот кон Словенија. Возејќи, наеднаш моторот се запали и гореше, го отворивме и почнавме да гаснеме со апаратот за гаснење пожар. Па разговарав со клиентот од Полска и тој ми рече: Добро, следен пат ќе ти ги пуштам моите производи и те молам тестирај ги на пазарот. Ти си директно на пазарот со тој скап автомобил, а мојот производ е добар за олдтајмери. Тој има цевка што се поставува во моторот и ако има пожар, таа ќе експлодира и може да г спаси и моторот и автомобилот.

Александра: Некои предизвици си ги создаваме сами, значи креатори сме на нашите предизвици, а други компании исто така може да ни дадат предизвици.

Јирген: А некои предизвици природно си доаѓаат.

Кој ви е омилен дел од вашето патување?

Александра: Очигледно, луѓето од секаде во светот. Тоа е нашиот фокус и како што кажавме – сакаме да запознаеме што е можно повеќе луѓе, да разбереме како живеат, како работат, како реагираат, како може да комуницираме со нив… Но ако прашањето се однесува на тоа кое ни е омилено место и земја што сме ги посетиле, тешко е да се издвои бидејќи секое место си има свор „за“ и „против“, си има сопствен шарм и секогаш можеме да најдеме добра приказна.

Јирген: На пример, бевме во Португалија, каде има мало гратче Тавира, прекрасно место. Но сега тоа место е во минатото и не можеме да се вратиме таму. Пред два месеци бевме во Мароко, но Мароко не е повеќе во иднината, туку е во минатото. Затоа најдобар одговор на прашањето е дека живееме во сегашноста, и во сегашноста тука сме во Хрватска, па најомилен дел ни е да ги најдеме тукашните најдобри приказни и со овој поглед на нештата автоматски ќе ги најдеш луѓето што може да те поддржат во оваа земја. Ова е многу добро објаснување бидејќи луѓето овде се многу отворени да зборуваат со нас, да ни дадат шанса да го докажеме нашиот концепт овде со нашиот проект.
Значи, мора да одиш со отворен, среќен и моќен начин на размислување кон предизвиците и тоа е причината зошто земјата во која сме моментно ни е најомилен дел од патувањето.

Александра: Ако го одговориме ова прашање од аспект на нашето претходно искуство и каде сме биле, тоа зависи од она што сакаш да работиш, па за работа имаме едни наши омилени делови, за одморите други, за живеење трети… Најинтересен бидејќи беше сосема поинаков од сè друго – пустината Мароко.

Јирген: Мароко, всушност, претставува друг свет.

Александра: Тоа место е убаво да се посети, но не и да живееш таму.

Јирген: Друго место е онаму каде што си го најдовме мачорот. Вообичеаено сме тројца во екипажот, но мачорот сега е во карантин во Италија и ќе си го земеме во декември. Тоа се длабоки траги оставени во меморијата, првиот пат кога го сретнавме него. Името му е господин Тингл, тој е многу моќен американски мачор. Тоа се моментите што никогаш нема да ги заборавиме – пустината, мачорот…

Александра: Тоа беше бебе маченце бидејќи беше многу мало кога го најдовме. Значи, не е земјата како омилена земја, туку моментот, луѓето, опкружувањето.

Јирген и Александра, освен Хрватска, планираат да ги посетат и Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Србија, Бугарија, а доколку им се јават германски претприемачи од Македонија, расположени се да ја посетат и нашата земја.

Фото: Приватна архива на Александра Рондорф и Јирген Валенајт