На Меѓународниот аеродром „Скопје“ од денеска се во функција нови уреди и системи со кои е зголемена прецизноста во откривање потенцијални закани и се намалени физичките проверки за патниците. За разлика од порано, патниците повеќе нема да треба да вадат лаптопи, таблети, мобилни телефони и течности од својот рачен багаж – овие предмети може да останат во торбата за време на процесот на проверка.

Инвестирани се милион евра во надградба на безбедносната контрола со два нови уреди со компјутерска томографија за проверка на рачен багаж, како и две нови автоматизирани ленти – системи за автоматско враќање на корпите – од британската компанија Smiths Detection.

 

Неџат Курт, генерален директор на аеродромскиот оператор „ТАВ Македонија“, на прес-конференција рече дека безбедносната контрола ќе биде побрза, времето на чекање ќе биде пократко, а удобноста ќе биде поголема.

– Се овозможува и поголем капацитет на аеродромот, односно со новата технологија ќе се обработат до двојно повеќе патници на час од линија. Ова е клучно за справување со растечкиот сообраќај, особено во шпицот на сезоната – рече Курт.

Заменичката на министерот за транспорт, Калтрина Зеколи-Шаќири, потенцира дека новите уреди ќе помогнат во зголемување на безбедноста на аеродромот, но и во ефикасноста за патниците. Особено се гордеам, рече таа, на инвестицијата која е вредна речиси милион евра и е единствена во регионот.

 

Посочи дека соработката со „ТАВ Македонија“ овозможила инвестиции од 50 милиони евра во голем број проекти истакнувајќи ја важноста и на тековната модернизација, реконструкција и проширување на аеродромот во Охрид.

– Во изминатите две години воведени се 28 авиолинии, што е голем прогрес за разлика од минатото и имаме планови за уште поголемо субвенционирање во иднина. Со инвестициите во наградба и модернизација аеродромите ќе станат поконкурентни – рече Зеколи-Шаќири.

Според Курт, со новата технологија „ТАВ Македонија“ го позиционира Меѓународниот аеродром „Скопје“ покрај големите европски центри, како што се Франкфурт, Хитроу и Цирих, каде што овие системи веќе се стандардни. Истите уреди се користат и на водечките аеродроми во САД, Израел и Индија, што ја потврдува нивната сигурност и глобалното прифаќање.

 

Курт нагласи дека новите системи се дел од поширок инвестициски циклус во безбедноста на Меѓународниот аеродром „Скопје“ откако минатата година беа имплементирани два проекти во вредност од 1.930.000 евра со кои се воспоставија целосно нов систем за видеонадзор и современ систем за обука, тестирање и сертификација на безбедносниот персонал.

– Сите овие инвестиции имаат една цел. Да се унапредат безбедносните процедури, да се зголеми ефикасноста и да се подигне квалитетот на услугата за секој патник – наведе Курт посочувајќи дека со ова „ТАВ Македонија“ јасно ја потврдува својата стратешка посветеност кон изградба на модерни, безбедни и конкурентни аеродроми, кои ги исполнуваат и ги надминуваат европските стандарди.

Во периодот јануари – мај годинава двата македонски аеродроми опслужија 1,6 милион патници (1.580.932), што е раст од 31,2 процент во однос на истиот период во 2025 година. Бројот на летови порасна за 9,5 проценти, со вкупно 10.595 опслужени лета. (МИА)