Премиерот Христијан Мицкоски денеска, на промоцијата на новата воена опрема во касарната „Илинден“, порача дека Владата останува целосно посветена на модернизацијата на македонската Армија и исполнувањето на обврските кон НАТО.

Влада

Во своето обраќање, Мицкоски упати благодарност до Европската Унија за донацијата на новата воена опрема, истакнувајќи дека таа претставува признание за професионалноста и посветеноста на македонската Армија како рамноправна членка на НАТО Алијансата.

Влада

„Европската Унија препознава квалитет и посветеност во македонската Армија. Благодарност до сите што придонесоа оваа донација да стане реалност“, изјави премиерот.

Тој им се заблагодари и на Министерството за одбрана, Генералштабот, старешините и војниците за нивната работа и професионалност, оценувајќи дека денешната демонстрација на способностите на Армијата покажала високо ниво на подготвеност.

Влада

Мицкоски нагласи дека Владата ќе продолжи да ги исполнува сите барања и стандарди на НАТО, потсетувајќи дека неодамнешната посета на главниот командант на вооружените сили на НАТО за Европа, генерал Алексус Гринкевич, претставувала потврда за напредокот што го постигнува земјата во областа на одбраната.

Влада

Според него, инфраструктурните проекти и средствата што Македонија ги издвојува за одбраната се пример и за други земји-членки на Алијансата.

„Во нашиот случај издвојувањата достигнуваат до четири проценти од бруто-домашниот производ. Тоа е цел што ќе се обидеме да ја задржиме и во наредните години, иако ќе претставува предизвик поради растот на економијата“, истакна премиерот.

Влада

Тој додаде дека инвестициите во Армијата остануваат еден од клучните приоритети на Владата, со цел македонските вооружени сили да бидат уште поконкурентни и подобро опремени.

Влада

На крајот од обраќањето, Мицкоски уште еднаш им се заблагодари на сите припадници на Армијата, нагласувајќи дека токму нивната посветеност е најголемата гаранција за безбедноста и успешното функционирање на одбранбениот систем на државата.