Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција обвини дека СДС го блокира донесувањето на новиот Изборен законик поради, како што рече, страв од поддршката што владејачката партија би ја добила од македонската дијаспора.
Според Манасиевски, политиките на СДС довеле до иселување на голем број граѓани, а сега, како што тврди, партијата се спротивставува на решенија што би го олесниле гласањето на дијаспората. Тој посочи дека со поднесување на повеќе од 10.000 амандмани се блокира усвојувањето на Изборниот законик.
Манасиевски оцени дека вистинската причина за ваквите потези е, како што наведе, стравот на СДС од изборен пораз, обвинувајќи го партиското раководство дека нема визија и работи спротивно на интересите на државата.
Во своето обраќање, тој се повика и на ставот на амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Михалис Рокас, наведувајќи дека тој го поздравил Изборниот законик и повикал на политички консензус за негово донесување.
Манасиевски порача дека граѓаните ќе го дадат својот одговор на следните избори.




