Премиерот Христијан Мицкоски денеска при посетата на Општина Охрид изјави дека градот континуирано се развива и добива место какво што заслужува благодарение на инвестициите што се реализираат.

-Јас не би имал што да додадам во делот на инвестициите во Охрид од повеќе од тоа што го слушнавме од градоначалникот. Гледаме дека се работи, се инвестира, Охрид се развива и Охрид полека, но сигурно го добива она заслужено место коешто како град му припаѓа, изјави Мицкоски.

Тој посочи дека, доколку сè се одвива според планот, автопатската делница Кичево – Охрид ќе биде пуштена во употреба во првиот квартал од следната година.

-Мислам дека со пуштањето на автопатската делница којашто ќе ги поврзе Кичево и Охрид, ако биде сè како што треба, во првиот квартал од следната година, а оваа есен очекувам да биде пуштена делницата од Извор до Врбјани, ќе се зголеми делницата којашто ја користат граѓаните како автопатска за уште дополнителни километри, рече премиерот.

Според него, тоа ќе придонесе за побрзо патување до Охрид и за зголемување на бројот на туристи.

-Очекувам на тој начин да се намали растојанието и времето на патување од неколку градови во Македонија до Охрид и на тој начин уште повеќе туристи да го посетуваат Охрид. За тоа му честитам на градоначалникот за тоа што го правел изминативе години, за тоа што го прави сега и за тоа што слушнавме дека ќе го прави. Навистина е импозантно и импресивно, истакна Мицкоски.

Премиерот упати благодарност до сите кои, како што рече, придонесуваат за развојот на градот.

-Би сакал да им се заблагодарам на советниците коишто ја поддржуваат работата на градоначалникот во Општина Охрид. Би сакал исто така да ѝ се заблагодарам и на администрацијата, бидејќи без квалитетна администрација не можете да подготвите проект, ниту успешно да ја работите работата што ја работите. Благодарност и до пратениците коишто доаѓаат од Охрид, коишто секогаш се борат за проект повеќе за Охрид да добие повеќе, како и до колегите од Владата. Тука се потпретседателот и министер за транспорт, министерката за образование, кои голем дел од својот фокус го посветуваат на Охрид и на овој дел од државата да може да се развива онака како што го заслужува, рече тој.

Мицкоски упати благодарност и до директорката и персоналот на гимназијата во Охрид.

-Благодарност и до директорката и до персоналот во гимназијата, бидејќи овој објект континуирано се реновира, се инвестира во него. Ова е тоа што го очекуваат граѓаните од луѓето на кои им ја дале довербата да ја водат државата и општината. Ние како Влада, локалната самоуправа и градоначалникот со својот тим овде ќе продолжиме и понатаму фокусот да го ставаме на Охрид и да испорачуваме проекти коишто ќе додадат вредност во квалитетот на животот на охриѓани и на сите граѓани во Македонија, порача премиерот.

На крајот тој упати честитки до сите вклучени во реализацијата на проектите и порача:

„Уште еднаш честитки за сите и вака да продолжиме во годините коишто следат.“