Јапонската експериментална ракета за повеќекратна употреба денеска полета и безбедно слета за време на својот прв пробен лет.

Јапонија бара начин да ги намали трошоците за лансирање и да ја зголеми сопствената конкурентност на глобалниот вселенски пазар, со кој доминира американската компанија „СпејсИкс“.

Ракетата „РВ-Икс“ (RV-X) полета, лебдеше и се движеше хоризонтално пред да слета за време на својот лет кој траеше помалку од една минута во Тест-центарот Ноширо на Јапонската агенција за аеронаутика и вселенско истражување (ЈАКСА) во североисточниот дел на Јапонија, кој во живо го пренесуваше „НВС“ (NVS), група љубители на вселената.

Ракетата леташе според планот, издигнувајќи се 11 метри и движејќи се хоризонтално 16 метри, додека ја задржуваше исправената положба пред слетувањето, изјави Такаши Ито, раководител на проектот за ракети за повеќекратна употреба, на онлајн брифинг од тест-центарот.

Јапонија настојува да ја достигне технологијата што компанијата „СпејсИкс“ на Илон Маск ја користи веќе неколку години за да ги намали трошоците за лансирање и испорака на товар во вселената.

Денешниот лет е чекор напред за Јапонија во постигнувањето на технологијата потребна за развој на поевтин наследник на нејзиниот моментален главен потпирач, серијата ракети за еднократна употреба „Х3“ (H3).

Јапонската ракета „Х3“ е дизајнирана да биде поекономична од нејзината претходна серија „Х-2А“, која имаше речиси совршен успех, но потребно ѝ е дополнително намалување на трошоците за да може да конкурира на глобалниот вселенски пазар.

Јапонската влада наведува дека стабилниот, комерцијално конкурентен транспортен капацитет е клучен за вселенската програма на земјата и за националната безбедност.

Новата ракета „РВ-Икс“, која е со дијаметар од 1,8 метри и должина од 7,3 метри, е опремена со мотор со подобрена издржливост и има четири амортизери за апсорпција на ударот.

Планирано е оваа ракета на следниот пробен лет да биде испратена на поголема висина од околу 100 метри.