Дарко ЈАНЕВСКИ
(текстот е преземен од ФБ профилот на авторот и не ги одразува нужно ставовите на Денешен.мк)
Недела наутро е, 15 минути до шест часот. Чудното будење и потоа несоницата пак доаѓаат по своето. Надвор, соседот, помлад од мене, веќе излегол на тераса, пуши цигара и кашла, онака утрински, од желудник и од гради, чиниш утробата ќе ја извади и од тоа ечи цела населба.
Познавам жена, мајка на една пријателка, која има над 80 години, боледува од емфизема, белите дробови и се со капацитет под 30 отсто, и не се откажува од „задоволството“ што и го нудат десетина цигари на ден. Е, да, и сади цвеќиња со цигарата во уста и со боцата кислород во соба.
А, Законот за забрана на пушењето се уште го чекаме. Знам, тој нема да не откаже од цигарите, тоа треба да го стори мозокот, ама можеби ќе ни помогне да ги намалиме. И затоа, тој закон досега требаше да се донесе.
Патем, дали сте го гледале диригирањето на францускиот диригент Жорж Претре (починат е во 2017 г. на 93 годишна возраст) кога го диригира „Баркароле“ од Жак Офенбах.
Снимката е од пред десетина и повеќе години. Лесно ќе ја најдете. А на неа се гледа дека човекот всушност не диригира, туку се претвора во топла, елегантна музика која продира и се сместува под вашата кожа. Погледнете му ги само лицето и рацете. Тој, Претре, едноставно самиот станува музика, станува нота. Како да ја крстиме нотата? Не знам. Но, таа е рајска нота.
Или пак, Јуриј Симонов и неговото диригирање на „Турскиот марш“ на Моцарт. Слеано, стопено едно во друго. Диригентот и музиката и нотите кои станале едно и кои се лелеат низ воздухот до вашите очи и уши.
Е, таква Македонија ни треба. Македонија која ќе има душа која пее, се слева со музиката и која танцува така што, како што би рекол Бора Ѓорѓевиќ, „не ја допира земјата“.
Изгледа лесно? Не, не е! Зашто имаме руинирана држава за што, за жал, никој досега не одговарал. И тоа, ете, по стоти пат го повторувам.
Е во таа руинирана држава која ја оставија претходниците на Мицкоски и сета онаа банда – новинарска, невладина итн – што ги поддржуваше, а која сега му се лигави на ВМРО-ДПМНЕ, Фатмир Битиќи, бившиот владин потпретседатл, излегува на говорница во Собранието и, очигледно со намера да ја омаловажи Кочоска како министерка за финансии, ја нарече „сметководителката“.
Не знам дали на момокот му е јасно (еј, ВМРО, што стана со оние 700 000 евра за кои зборувавте за сопругата на Битиќи и уште една сопруга, не се сеќавам чија беше?) но Кочоска можеш да ја омаловажуваш на кој и да сакаш начин. Таа е министерка, јавна личност и тука нема муабет. Ама при тоа, да омаловажиш една цела професија на која и се посветени илјадници и илјадници луѓе – експерти во својата област – и без кои, оваа земја едноставно би застанала, е израз на примитивизам, на некултура и неинтелгиенција. И показател зошто партијата на Битиќи е таму каде што е и зошто Владата во која тој беше потпретседател помина на изборите во 2024 и на следните локални така како што помина. А описот е еден – и се случи Армагедон.
Патем, има многу сметководители во оваа земја кои се поголеми економски експерти и од Битиќи и од половина економисти во државава, а секако важи и обратното. Како и во секоја професија. Но, како што велат некои мои пријатели, често бадијала пишуваш. Битиќи не може да ја сфати навредата што ја упати кон илјадниците. Да можеше, немаше ни да ја искаже.
Следно би било пензионирањето. Ако е точно тоа дека се размислува за доброволно зголемување на старосната граница за пензионирање, повторувам доброволно, што „нацртано“ значи – не е задолжително – како што прикажуваат злобниците, не треба да се заборави дека тоа е апсолутно нужно. Зашто, зголемување на старосната граница за пензионирање не „држи вода“ кога невработеноста е 20 отсто или повеќе, односно над 30 отсто со каква се соочи ВМРО-ДПМНЕ на Груевски во 2006 година. Во таква ситуација, морате да го решавате проблемот и со ослободување на работните места преку пензионирање на луѓето за да може невработеноста да се намали.
Но, кога невработеноста е 10 или под 10 отсто како што е сега, во услови кога е прашање и дали тие 10 отсто се навистина невработени, во услови кога е сосема евидентно дека Македонија има недостиг на кадар во сите области (во здравството недостигаат и лекари и медицински сестри, во градежништвото – квалификуван кадар, но и работници итн.) зголемување на старосната граница, врз доброволна основа, не само што е оправдано, туку и нужно. Посебно што со години наназад, пензискиот фонд се соочува со недостиг на пари, па државата секоја година интервенира преку буџетот.
И тоа е реформа што мора да се спроведе. Без многу оддолговлекување. Впрочем, не случајно беше измислена наводната афера дека Владата планира да донесе 10 000 мигранти од В. Британија. Тие што ја пласираа, свесни се дека во Македонија едноставно нема веќе луѓе. Проценките се дека пописот спроведен во време на ковидот не ја одразува реалната состојба и дека Македонија нема 1,8 милиони жители, туку околу 1,4-1,5 милиони.
Во такви услови, без работна сила, сосема сеедно дали станува збор за стручњаци во било која област или за обични работници, едноставно е невозможно да го кренете македонскиот БДП на поголема вредност од 3-4 отсто раст годишно. А нам ни се потребни најмалку 5 отсто, да не зборувам за 6 или 7 отсто колку што вели една стара анализа на Светската банка за недоволно развиените земји, проценти кои веќе ни Кина не може да ги достигне.
Така што, или ќе обезбедиме работници, макар дозволувајќи продолжување на работниот век на оние кои сакаат и кои можат и натаму да работат или ќе останеме закопани во ровот од 3 отсто раст на БДП годишно.
А три отсто раст, сеедно што е реален, а не номинален, за оваа Македонија, се добри кога ќе се направи споредба со другите во Европа, но не и доволни.
Впрочем, дури и да не е таква ситуацијата, ако невработеноста е под 10 отсто (а реално веројатно е и помала) нема ама апсолутно нема ниту една причина да не се дозволи на тој кого го служи здравјето да работи и понатаму. Па макар тоа било до 73 години или зошто да не – неограничено, кој како може. Од тоа сите ќе имаат полза, а во крајна линија, од тоа ќе има полза и државата, буџетот, порастот на БДП и – конечно, на крај од линијата се граѓаните.
Втората работа битна за овие денови е последната анкета според која ВМРО-ДПМНЕ е некаде на околу 20 проценти, СДСМ на околу 6, Левица паднала под 3 отсто итн.
Очигледно ова се зацементирани бројки и очигледно е дека стратегијата на опозицијата (чекај малку, која стратегија?) не функцонира. И СДСМ тука нешто мора да промени. Овој, ваков пат, е пат кон пропаст, а тој ја остава власта во лагодна, комфорна позиција што може да биде прилично опасно за сите нас.
Направените грешки во седумте Заеви години се огромни и инсистирањето дека тоа било исправна политика е натамошно паѓање во амбис. Настрана што не поминува кај граѓаните, а не поминува затоа што, едноставно, тоа не беше исправна политика. Појасна порака од тоа – здравје. И тука, опозицијата, најдобронамерно кажано, мора нешто да смени. И тоа под итно.
За крај, надвор од политиката и економијата, ако сте ги погледнале и чуле Претре и Симонов како што ве замолив, вечер, пред легнување, чујте ја и изведбата на Passacaglia (Хендл/Халверсон) од страна на монахот Авел на пијано. Некој Русин е, држи концерти и потоа парите ги донира, нему како монах не му требаат, нели (тој ќе преживее и со стара мантија и парче леб и вода на ден), ама таква изведба не сте чуле.
Е, да повторам уште еднаш – таква Македонија сакаме. И во таа Македонија на Претре, Симонов и Авел, ќе има проблеми, ама ќе биде убаво. Или како што велеше покојниот проф. Марјановиќ, „пристојно место за живеење“. А во таа Македонија, Заевци едноставно ќе бидат туѓо ткиво кое гнои и треба да се отстрани, а не сојузници во приказната за која некои други гореа.
И тоа е тоа за оваа недела. Бог да чува – сум изел уште рано наутро 100 гр. чоколадо додека ги склопувам овие редови. И после стомак. Е, па – стомак, глупчо еден!




