Илјадници ученици и студенти денеска не беа на настава и на предавања, туку се собраа на протест во центарот на Брисел со цел да ги искажат своите барања за подобра заштита на климата во светот.
И покрај ниските температури и снегот, според проценките на бриселската полиција, на собирот имало околу 35.000 ученици и студенти.
Ова е трета недела по ред учениците да не се на училиште за да присуствуваат на протестите. Тоа што почна како марш на неколку илјади средношколци, денеска прерасна во движење во кое се вклучија и студентите.
„Планетата може без нас, но ние не можеме без планетата“, беше еден од многубројните транспаренти што го носеа учениците .
Како што јави МИА од Брисел, младите во Белгија со месеци протестираат низ улиците со барање за поодлучни политички мерки за намалување на глобалното затоплување под критичната стапка од 1,5 степен.
Движењето на овие млади започна во градот Антверпен преку организацијата “Млади за климата“.
Тие протестираат секој четврток и, како што најавија организаторите, планираат да продолжат сѐ додека политичарите не понудат поамбициозни решенија.
За в недела е закажан уште еден марш за заштита на животната средниа, на кој се очекува да присуствуваат и возрасни.
Инака, ова е еден од ретките случаи во Белгија на протести да се мобилизираат луѓето од двете страни на јазичната бариера со иста цел. Белгија е силно поделена на по јазична и етничка база.
Повеќето средношколци кои учествуваат на овие протести имаат поддршка и од родителите и од нивните наставници.