Словенечката полиција во вторникот потврдила дека по службена должност покренала предистражна постапка во која го проверува наводниот мобинг во Министерството за култура што довело до трагедија во која заради шиканирање од страна на министерот, долгогодишен вработен во тоа Министерство извршил самоубиство.

„Врз основа на медиумските написи за шиканирање на службеник во Министерството за култура, ги проверуваме причините за сомнеж за кривично дело кое се гони по службена должност. Доколку тоа биде потврдено, ќе поведеме преткривична постапка и за тоа ќе го известиме државното обвинитество“, изјавиле од љубљанската полиција.

БИТНИ ЗА ОПСТАНОК НА ВЛАДАТА

Порталите и алтернативните медиуми блиски до опозицијата објавиле минатата недела информација според која долгогодишниот службеник во Министерството, Томас Б., татко на на три деца и со сопруга која, како што дознава „Денешен“ од извори во Словенија, е болна од рак, се самоубил по неколкумесечно „малтретирање и понижување и мобинг“ што над него го вршеле министерот за култура Дејан Прешичек и неговиот заменик Јан Шкоберне. Истовремено, опозициските медиуми објавија и дека меинстрим медиумите и владеачката коалиција се обдуваат да го забошотат случајот зашто водечките места во тоа Министерство ги држат социјалдемократите, битни за опстанок на Владата на премиерот Марјан Шарец.

СИНДИКАТОТ БАРА СМЕНА НА МИНИСТЕРОТ

Во вторникот наводите за проблематичните односи во Министерството за култура ги потврдил и Синдикатот на вработените во секторот на култура „Глоса“, барајќи од премиерот да го смени министерот.

Водечките медиуми во Словенија во вторникот го објавиле писмото на вработените во Министерството во кое наведуваат дека од претседателот на Владата очекуваат веднаш да дејствува за да престане практиката на „бездушно искористување на јавните службеници и средствата во приватни цели под закрила на службените обврски“.

Порталот “Požarreport” чиј сопственик и издавач е слободниот новинар Бојан Пожар, тврди дека од повеќе извори меѓу новинарите и во Министерството се дознало дека долгодишниот службеник во Министерството минатата недела едноставно психички се скршил по долготрајно малтретирање од страна на министерот и неговите соработници кои го користеле како приватен шофер за членовите на нивните семејства, иако тоа не му било работа, а покрај другото и го малтретирале, понижувале и му се заканувале.

МИНИСТЕРОТ ВЕЌЕ БИЛ ОБВИНУВАН

Синдикатот на вработените во културата упатил писмо до премиерот Шарец повикувајќи го случаите на „мачење, шиканирање и мобинг на работното место“ да ги истражи и расчисти, додавајќи дека се шокирани од самоубиството во „Министерството за (не)култура“.

Како што известуваат медиумите во Словенија, за сегашниот министер за култура наводно постојат информации дека и додека работел како директор на љубљанскиот Конзерваториум за музика и балет во Љубљана, од соработниците бил обвинуван за мобинг и закани кон вработените.

Министерот Прешичек изјавил за Словенечката телевизија дека со премиерот веќе имал разговор за споменатиот случај и дека за тоа дополнително ќе даде писмена изјава, но и дека не се чувствува завиновен за смртта на вработениот во Министерството и дека смета дека не направил ништо што би довело до трагедијата.