Инспектори од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар, вчера попладне постапувајќи по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар, презедоа итни мерки и активности на терен во село Вруток, поради сомневање за загадување на водата со која се снабдува градот Гостивар.
-Постојат основи на сомневање дека Јавното претпријатие „Водовод“, во соработка со Општина Гостивар, поставило три пумпи во корито на истечни отпадни води, преку кои се вбризгувала вода директно во главниот цевковод што го напојува градот. Оваа активност најверојатно била преземена со цел да се зголеми притисокот во мрежата поради недостиг на питка вода, со што директно се загрозува здравјето на граѓаните на Гостивар, информира портпаролот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи.

Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, поради сомнение за сторено кривично дело „загадување на вода за пиење“, предвидено и казниво по член 219 од Кривичниот законик. Во расчистувањето на овој случај, покрај полицијата и обвинителството, веднаш се вклучија и Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за животна средина, како и лиценциран вештак кој треба да изврши стручна процена на незаконски поставениот систем.
По појавата на зголемен број на граѓани кои изминативе десетина денови се жалеа стомачни тегоби, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) побара да се спроведат вонредни контроли на водата за пиење која се дистрибуира во градскиот водовод. Од одделението за хигиена и здравствена екологија при центарот за Јавно здравје, ПЕ Гостивар, потврдија дека вчера е спроведена вонредна контрола и дека се земени примероци од четири мерни места.
-Што се однесува до водата и поради ситуацијата, направивме, покрај редовните и вонредни анализи. Последните резултати од анализите што ги направивме од понеделникот беа добри, односно физичко-хемиски и микробиолошки беа во ред. Вчера зедовме уште некои вонредни анализи, меѓутоа за нивните резултати треба да почекаме до утре или евентуално до понеделник. Така што, во моментов не можеме ништо конкретно да кажеме за нив, изјави за МИА, д-р Берун Мустафа, специјалист по хигиена од Центар за јавно здравје Гостивар.
Од општата болница „Ферид Мурад“ потврдија дека во инфективното и детското одделение има зголемен број на прегледи и граѓани кои се жалат на дијареја, болки во стомакот, повраќање и покачена температура.
АХВ алармира: Постои сомнеж дека водата е загадена
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) донесе времена забрана за употреба на водата за пиење од гостиварскиот водоводен систем поради основано сомнение дека таа е загадена и небезбедна за употреба.
Одлуката следува по вонреден инспекциски надзор спроведен во пречистителната станица во селото Вруток, по известување од Основното јавно обвинителство Гостивар, поплаки од граѓани и пријава од Министерството за внатрешни работи.
Во контролата, во која учествувале инспектори на АХВ, претставници на Министерството за животна средина, Јавното обвинителство, МВР и Институтот за јавно здравје, било утврдено дека на главниот цевковод од водоводната мрежа нелегално била поставена пумпа која директно вбризгувала вода од реката Вардар во водоснабдителниот систем.
Од водата биле земени мостри за лабораториски испитувања, кои треба да утврдат дали таа е безбедна за пиење.
До добивањето на резултатите од анализите, Агенцијата за храна и ветеринарство воведе времена забрана за користење на водата за пиење, со цел да се заштити здравјето на граѓаните.
Надлежните институции најавуваат дека јавноста ќе биде навремено информирана за резултатите од лабораториските анализи и за понатамошните мерки.




