Романското Министерство за национална одбрана, преку Генералната дирекција за вооружување, потпиша две нарачки во рамките на европскиот инструмент „Безбедносна акција за Европа“ (SAFE), во вкупна вредност поголема од една милијарда евра, за набавка на повеќенаменски хеликоптери „Ербас“ и на радари од француската компанија „Талес“, пренесува романската новинска агенција Аџерпрес.

Договорниот партнер е француската Генерална дирекција за вооружување.

Со првиот договор Романија нарачува 12 повеќенаменски хеликоптери „Ербас Х225М Каракал“ (Airbus H225M Caracal), заедно со почетен логистички пакет и со обука на персоналот. Вредноста на нарачката изнесува околу 757 милиони евра, додека вкупно одобрените средства преку механизмот SAFE достигнуваат 852 милиони евра.

Хеликоптерите ќе бидат опремени во специјална конфигурација за дејствување врз копнени цели и ќе можат да извршуваат офанзивни, извидувачки, надзорни и мисии за тактичка заштита, како и специјални воздушни операции дење и ноќе.

Со вториот договор, француската компанија „Талес“ ќе испорача 12 радари „Граунд Мастер 200 ММ/А“ (Ground Master 200 MM/A), исто така со почетен логистички пакет и со обука на персоналот. Вредноста на оваа набавка е околу 247 милиони евра, при што преку SAFE се одобрени 258 милиони евра.

Радарите се наменети за откривање воздушни цели на кратки и на средни растојанија, вклучително и на мала и на многу мала височина. Тие ќе овозможуваат откривање и следење авиони, беспилотни летала, наведувани и ненаведувани ракети и други закани, дури и во неповолни временски услови и во средина со силни електронски пречки.

Романскиот министер за одбрана, Раду Мируца, изјави дека првиот радар ќе биде испорачан 11 месеци по потпишувањето на договорот и ќе биде наменет за откривање беспилотни летала што летаат на мала височина.

Испораката на хеликоптерите се очекува да започне за околу три години.

Двата проекта во рамките на механизмот SAFE се реализираат преку заеднички европски набавки, со Франција како водечка земја. Испораките ќе се одвиваат по фази, според договорениот распоред, и треба да завршат до 2030 година. (МИА)