Министерот за одбрана на Венецуела, Владимир Падрино изјави дека Николас Мадуро е легитимен претседател и дека со прогласувањето на Хуан Гуаидо за претседател опозицијата спроведува државен удар.

Падрино нагласи дека САД и уште неколку земји водат економска војна против Венецуела која има најголеми разерви на нафта во светот, пренесува Ројтерс.

Опозицискиот лидер и претседател на венецуелскиот парламент, Хуан Гуаидо во средата се прогласи себе за привремен претседател.

Војската на Венецуела одби да го признае Гуаидо за привремен претседател.

Гуаидо како привремен претседател го признаа САД, Канада, Бразил, Аргентина, Колумбија, Парагвај, Чиле, Перу, Гватемала и Костарика.

Претседателот Мадуро вчера нареди отповикување на сите дипломати од САД и затворање на амбасадата во оваа земја, и покрај одбивањето на американските власти своите дипломати да ги повлечат од Венецуела по неговото барање.

Мадуро порача дека Американците, ако имаат „барем малку разум“, ќе ги повлечат своите дипломати од Каракас, наместо да не ги почитуваат неговите наредби, пренесе АП.

САД порачаа дека Мадуро нема овластување да протерува дипломати од Венецуела.

Откако Гуаидо се прогласи за привремен претседател, САД му пружија поддршка, а потоа истото го направија и уште неколку други земји. Би-Би-Си пишува дека Мадуро и натаму ужива поддршка од дел од жителите на Венецуела, како и од војската.

Седум јужноамерикански држави, како и Канада и Велика Британија им се придружија на САД. ЕУ експлицитно не го призна Гуаидо, но повика на слободни и веродостојни избори, како и да се почитува слободата и сигурноста на Гуаидо.

Мексико, Куба и Боливија го поддржуваат Мадуро, а им се придружи и Турција:

– Брату мој, Мадуро! Држи се, со тебе сум, му порача на Твитер турскиот претседател Таип Ердоган.

Кина порача дека се противи против секакво надворешно мешање во политиката на Венецуела. Русија, пак, Венецуела ја гледа како еден од најблиските сојузници во тој регион, пишува Би-Би-Си. На Венецуела и позајмија милијарди долари, а и дадоа поддршка и за нејзината нафтена индустрија.

Портапролот на Кремљ за ситуацијата во Венецуела вчера изјави:

– Обидот за узурпација на суверената власт во Венецуела ја сметаме за кршење на основните начела и принципи на меѓународното право. Мадуро е легитимен шеф на државата, гласи пораката од Кремљ.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера на прашањето за можна воена реакција рече дека не размислува за воено дејствување, но потенцира дека сите опции се на маса.

Ватикан: Папата се моли за народот на Венецуела

Папата Франциско внимателно ја следи ситуацијата во Венецуела и Ватикан ќе ги поддржи сите напори да заврши страдањето на народот на таа земја, соопштено е од Ватикан.

– Папата се моли за жртвите и за сиот народ на Венецуела. Светата столица ги поддржува сите напори кои водат кон окончување на страдањето на населението, се наведува во соопштението.

Ројтерс наведува дека Ватикан не се изјаснува „на чија страна е“, односно дали го поддржува претседателот Мадуро или саморпогласениот претседател Гуидо.

Мадуро синоќа и се обрати на нацијата

Доцна вечерва венецуелскиот претседател Николас Мадуро имаше вонредно обраќање до нацијата. Тој истакна дека останува претседател и дека никогаш нема да се откаже од обврските кон својата татковина.

Според неименувана НВО во протестите против владата на Мадуро загинале 26 лица.

– Вкупно 26 лица за време на протестот беа убиени, напиша на „Твитер“ невладина организација, потенцирајќи дека 7 лица загинале во Каракас.

Големата политичка и економска криза веќе подолго време ја тресе Венецуела.