Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во интервју за подкастот „Риштази“ во врска со случајот со водата во Гостивар истакна дека надлежните за состојбите се консултираат со експерти, во општината веќе водата може да се користи за технички потреби, наскоро се очекува и за пиење, и воедно посочи дека партиите не треба шират хистерија.

„На сите треба да ни е јасно дека станува збор за одговорност која што е на општината и тоа е многу важно да се констатира, бидејќи тие услуги се исклучиво одговорност на општината. Има начин како општината комуницира со државните институции во делот на проверки и слично. Што се однесува до Гостивар од денеска има веќе техничка вода, изминативе неколку денови параметрите беа позитивни кога велам во насока на тоа дека инсталациите се прочистени, односно хиперхлорирани и денеска веќе можат граѓаните да ја користат за техничка употреба, не за пиење и готвење“, изјави премиерот Мицкоски.

Премиерот Мицкоски додаде дека се очекува овој процес на хиперхлорирање да продолжи во деновите што следат и во втората половина од оваа недела да може истата вода да се користи и за пиење и за подготвување на храна.

Што се однесува за одговорноста, премиерот Мицкоски посочи дека директорот на конкретното јавно комунално претпријатие, не го поставува Владата, поставен е од некои други центри во случајот градоначалникот, како и тоа дека обвинителството си ја врши својата работа за да одреди одговорност.

„Да вие на тој начин неодговорно се однесувате, тоа е нешто кое најмалку може да се очекува дека човек кој е поставен да ја води таа институција на тој начин ќе се однесува како таму се однесувале неколку луѓе, не еден човек. Вие не можете да донесете одлука и таа одлука да ја спроведете сам без притоа да добиете налог или да повикате помош од одредени луѓе за логистика. Во случајов имаме човечко несовесно однесување“, потенцираше премиерот Мицкоски.

Премиерот Мицкоски нагласи дека во неговиот тим е опкружен со експерти за кои се консултира за состојбите и чии совети ги користи и воедно посочи дека брзо се реагираше да се обезбеди питка вода за пиење и упати благодарност до граѓаните и компаниите кои донираа вода, но и на сите кои имаат трпение.

„Благодарност и до Град Скопје и Јавното претпријатие Водовод кое со свој тим учествуваше во хиперхлорирањето за обезбедување на техничка вода и на сите кои имаат трпение. Се надевам дека вакви случаи нема да се случуваат во иднина, обвинителството си ја врши својата работа, сега ќе видиме кој е се одговорен“, изјави премиерот Мицкоски.