Никола Мицевски, член на Извршниот комитет и координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, денеска на прес-конференција изнесе обвинувања дека во периодот кога Венко Филипче бил министер за здравство, а СДС била на власт, имало случаи на неисправна вода за пиење кои, како што тврди, биле сокриени од граѓаните.

Мицевски изјави дека, според податоците со кои располага партијата, речиси 400 испитувања на водата во периодот на министерувањето на Филипче покажале отстапувања од правилниците за безбедност и квалитет на водата.

„Со Филипче како министер водата била неисправна и тоа се криело од граѓаните“, изјави Мицевски.

Тој обвини дека тогашната власт, наместо да ги информира граѓаните и да преземе мерки, ги прикривала информациите за да не изгуби политички поени.

Како примери, Мицевски ги посочи испитувањата на водата во Водостопанство Лисиче во Велес од 19 мај 2021 година, локалниот водовод во село Нивичани, Кочани, од 22 јуни 2021 година, како и случајот со водата во Пештани, Охрид, од јули 2021 година, за која, според него, бил изготвен записник и донесено решение за забрана.

Тој го спомена и случајот со водата во чешма во училиштето „Страшо Пинџур“ во село Уларци, Чешиново, како и водата во Здравствениот дом во Делчево во јануари 2022 година.

„За ниту еден од овие, но и многу други случаи, јавноста не е информирана. Граѓаните мора да знаат што се случувало и кој дозволил вакви пропусти“, рече Мицевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека за случајот е известено Министерството за внатрешни работи и дека очекуваат документацијата да биде доставена до Јавното обвинителство.

„Очекуваме ЈО веднаш и без одлагање да постапи по овој случај и да има одговорност по истиот“, изјави Мицевски.

Обвинувањата се изнесени од страна на ВМРО-ДПМНЕ и се однесуваат на периодот кога Венко Филипче беше министер за здравство. Од засегнатите институции и Филипче се очекува реакција и одговор на изнесените тврдења.