Работиме на заокружување на набавките на нови мамографи во повеќе здравствени домови и општи болници врз основа на достапниот кадар, истакна денеска министерот за здравство Сашо Клековски.
Тој посочи дека меѓу приоритетите се основната радио дијагностика, дигитални рендгени, дигитални мамографии низ целата земја.
– Не можеме да зборуваме за сериозна превентива во конкретниот случај на рак на дојка ако се уште се базираме на аналогни мамографии стари по 10, 15 можеби и повеќе години, додаде Клековски, одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата во Владата.
Во врска со недостигот на инјекција синопен во аптеките, тој рече дека се соочува со постојани дефицити, недостапност на одредена терапија која е сезонски потребна или подолго време не е потребна каде фармацевтските куќи не преземаат ризик да ја увезат.
– Во консултации со соодветниот сектор ќе побараме за ова, како и за неколку други работи, вклучувајќи ја маларијата, да биде направен интервентен увоз, за да бидеме обезбедени во оваа сезона кога е тоа потребно, потенцира Клековски. (МИА)




