Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција обвини дека во периодот кога Венко Филипче бил министер за здравство, институциите располагале со информации за стотици случаи на неисправна вода за пиење, а јавноста не била навремено информирана.
„Граѓаните се труеле со години, а СДС и Филипче како министер молчеле иако добиле анализи од приближно 400 испитувања за загадена вода. За 400 испитувања не било постапено, ниту пак биле известени граѓаните да не ја пијат водата“, изјави Манасиевски.
Тој рече дека Министерството за здравство, според ВМРО-ДПМНЕ, располагало со информации за стотици случаи на неисправна вода, но граѓаните не биле известени.
„Венко Филипче денеска се обидува да држи лекции за заштита на здравјето на граѓаните, а токму во неговиот мандат како министер за здравство институцијата располагала со информации за стотици случаи на неисправна вода, за кои граѓаните и јавноста не биле информирани“, рече Манасиевски.
На прес-конференцијата беа посочени повеќе примери од, како што беше наведено, службени анализи од 2021 година, меѓу кои здравствениот дом во Македонска Каменица, чешма пред училиште во Гумалево – Зелениково, локален водовод во Требеништа, Дебарца, како и одморалиштето Пониква кај Кочани.

Според Манасиевски, во дел од анализите било констатирано отсуство на резидуален хлор, а во одредени случаи и присуство на бактеријата Ешерихија коли.
„Поставуваме едно многу едноставно прашање. Ако тогаш Филипче молчел, а имал институционална одговорност, со каков кредибилитет денес тој говори за здравјето на граѓаните?“, праша Манасиевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ информираа дека веќе се поднесени пријави до Министерството за внатрешни работи и побараа случајот да го истражи и Јавното обвинителство.
„Очекуваме и Јавното обвинителство да го истражи овој скандалозен случај и да се утврди дали со прикривањето на овие информации биле загрозени здравјето и животите на граѓаните. Никој не смее да биде над законот без разлика на функцијата што ја извршувал“, порача Манасиевски.





