Принцезата од Велс, Кејт Мидлтон, за првпат отворено проговори за долгорочните последици од лекувањето на ракот, нагласувајќи дека предизвиците не завршуваат со крајот на хемотерапијата.

За време на ненадејната посета на Кралската болница Марсден во Лондон, каде што самата примила третман откако била дијагностицирана во 2024 година, Кејт разговарала со медицинскиот персонал и пациентите, споделувајќи го своето лично искуство од борбата со болеста, пишува People.

„Мислите дека третманот е завршен и дека можете да продолжите со вашите секојдневни активности… но тоа е сепак вистински предизвик“, рече принцезата.

„А говорот… зборовите целосно исчезнуваат. Како пациент, сфаќате дека има несакани ефекти за време на терапијата, но всушност постојат долгорочни ефекти што остануваат.“

Таа нагласи дека континуитетот на сеопфатната грижа е исклучително важен, и во добри и во лоши денови, но и дека поддршката не им е потребна само на болните.

„Имам впечаток дека понекогаш е уште поважна за нашите најблиски. Ним им е потребна поддршка исто колку што ми беше потребна и мене како пациент“, рече Кејт.

За време на посетата, принцезата им се заблагодари на лекарите и медицинскиот персонал за нивната грижа и посветеност, а се сретна и со пациенти кои моментално се лекуваат. Меѓу нив беше и Кетрин Филд, како и семејства кои минуваат низ слични искуства.

Кејт ја објави својата дијагноза за рак на јавноста во март 2024 година преку лична видео порака, признавајќи дека ѝ требало време да ја сподели веста со своите деца – принцот Џорџ, принцезата Шарлот и принцот Луис. Во септември истата година, таа потврди дека ја завршила хемотерапијата по „исклучително тешки“ девет месеци.

Таа го опиша своето патување низ болеста како „сложено, страшно и непредвидливо“, додавајќи дека закрепнувањето е долг процес кој бара сила и трпение.

„Силата потребна за да се издржи сè тоа е огромна. Важно е да се продолжи и да се остане позитивен, иако терапиите се различни и влијаат на секое семејство на свој начин“, рече принцезата за време на разговор со пациентите.

По оваа посета, Кенсингтон палатата објави дека Кејт Мидлтон и принцот Вилијам станаа заеднички покровители на Фондацијата на Кралската болница Марсден, што дополнително ја нагласи важноста на поддршката на здравствените институции и пациентите.

Од болницата изјавија дека кралското покровителство е голема чест и охрабрување, како за персоналот, така и за пациентите, бидејќи го привлекува вниманието кон важноста на нивната секојдневна борба и работа.