Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски порача дека 2 Август – Илинден е најсилниот доказ за вековната борба на македонскиот народ за своја самобитност и државност, истакнувајќи дека тој историски пат започнал во 19 век, а својата кулминација ја достигнал со независноста на Македонија во 1991 година.
Во изјава од Крушево по повод одбележувањето на националниот празник, Николоски нагласи дека идејата за македонската држава се градела низ повеќе историски периоди.
-Идеалот почна да се гради уште во 19 век, преку преродбата, продолжи со Разловечкото и Кресненското востание, ја доби својата круна со Илинденското востание во 1903 година, продолжи преку антифашистичката борба и АСНОМ на 2 август 1944 година, а својата кулминација ја доживеа на 8 септември 1991 година, кога Македонија ја прогласи својата независност, изјави Николоски.
Тој оцени дека овој историски и политичко-правен континуитет е јасен доказ за истрајната борба на македонскиот народ за сопствена држава и национален идентитет.
Осврнувајќи се на актуелните инфраструктурни проекти, Николоски истакна дека денес Македонија се развива со најсилно инвестициско темпо досега.
-Нема дел од државата во кој не се реализираат проекти. Се спроведуваат повеќе од 1.200 општински проекти, се инвестира во железницата и автопатиштата. Македонија во моментов гради шест автопати, ја гради железницата на Коридорот 8, а наскоро ќе започне и изградбата на железничката инфраструктура на Коридорот 10. Ги развиваме и аеродромите – охридскиот аеродром целосно се реконструира и надградува, а скопскиот бележи најголем раст во патничкиот сообраќај во Југоисточна Европа, нагласи вицепремиерот.
Според него, токму инвестициите и развојот се најсилната гаранција за зајакнување на македонската држава и подобар живот за граѓаните.
-Само инвестициите и работата ќе го зацврстат темелот на македонската држава и ќе го постават македонскиот народ и сите граѓани таму каде што им е местото – меѓу најразвиените европски нации, порача Николоски.
На крајот, тој повика на почит кон жртвата на илинденските херои, истакнувајќи дека нивното дело треба да биде водилка во сè што се прави за Македонија.
-Денес им оддаваме почит на хероите, но нивната жртва треба да ја паметиме секој ден и таа да ни биде водилка во сè што правиме за Македонија, истакна Николоски.




