Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во интервју за МИА нагласува дека се работи на трајно и одржливо решение за одблокирање на нашиот европски пат, но вели дека не смее да споделува детали од разговорите со цел да не ги осуди на неуспех. Тој уверува дека граѓаните треба да бидат спокојни дека Владата јасно знае како го има добиено својот легитимитет, јасно го следи ставот на граѓаните во однос на ова прашање и има јасно исцртани црвени линии и позиции и прашања за кои што не е подготвена да преговара.

-Работиме на решение, но ќе повторам, не решение по секоја цена и не решение коешто само по себе нема да биде одржливо и коешто ќе создава ризици повторно да бидеме во оваа ситуација во која што се наоѓаме сега – рече Муцунски во интервјуто за МИА.

Во однос на критиките на опозицијата дека стагнираме на европскиот пат, тој вели дека „опозицијата мора да почне да живее во рамките на реалноста, а реалноста е дека нејзината попустливост и немањето капацитет далекусежно да се гледаат последиците од тоа што се случуваше во 2021 и 2022 година не доведе до оваа позиција до којашто сме сега“.

-Имаат легитимно право, па јас би рекол скоро за се да дадат и критика и став. Тоа е и функцијата на опозиција во една парламентарна демократија, да критикува, да дава инпут. Но, во делот на надворешната политика сметам дека тоа е областа каде што треба да се извинат на граѓаните за сите грешки кои што ги правеа во тој седумгодишен период од владеење и да дадат безрезервна поддршка на Владата за да може да ги поврати позициите на државата и да може да работи за создавање систем каде што конечно ќе имаме предвидливост по европскиот пат – изјави Муцунски.

Вели дека доколку т.н. француски предлог бил добар, немало секој да има различно толкување за тоа кои се нашите обврски во него, туку ќе имавме јасна слика за тоа што се очекува од нашата држава.

-Дел од тие луѓе кои сега се на раководни позиции во Бугарија, во делот на надворешната политика биле на раководни позиции во тој период и тие точно паметат што им било ветувано. Така што, овие луѓе од опозицијата и тука зборувам колективно и за претставници на ДУИ и за претставници на СДСМ, или заборавиле што правеле во тој период од 2021, 2022 година или сакаат за ситни политички поени да ја манипулираат нашата домашна македонска јавност, но истовремено со тоа ги нарушуваат позициите на државата. Затоа велам, легитимно е, критикувајте сè што мислите, но барем во полето на надворешната политика, каде што имавте страшен дебакл, дозволете и на оваа Влада да продолжи да го прави она што го прави, затоа што ние мораме да бидеме и објективни дека слушаме и поинакви пораки од високи претставници на земјите членки на Европската Унија, дека спрема нашата држава треба да се преземат некои дополнителни обврски за да се гарантира предвидливоста на нашиот европски пат – потенцира Муцунски.

Во интервјуто за МИА министерот се осврна и на значењето на неодамнешната посета на индиската претседателка Друпади Мурму на земјава. Тој вели дека самиот факт што бевме избрани како една од трите земји во оваа европска турнеја на претседателката Мурму е само по себе јасна порака дека Индија гледа потенцијал во македонскиот пазар, исто како што ние гледаме огромен потенцијал во индискиот пазар.

Во однос на стратешкото партнерство со САД и неодамнешната средба во Вашингтон со заменик-државниот секретар Кристофер Ландау, вели дека една од темите за кои што зборувале е да се отвори процесот на преговори со САД за таканаречената „Виза вејвер програма“.

-Сакам јасно пред граѓаните да кажам дека тоа не е процес што се случува преку ноќ, туку тоа ќе бидат повеќегодишни преговори. Но ние од наша страна веќе ја подготвуваме работната група која треба да не застапува во тој процес и очекуваме во некоја блиска иднина да ги почнеме и официјалните разговори – вели шефот на македонската дипломатија.

Муцунски во интервјуто за МИА открива и дека до крајот на годината ќе се отворат две амбасади на земјава во странство – во Литванија заради тоа што, како што кажа, тоа е најголема и една од највлијателните земји во Балтикот и го презема претседавањето со ЕУ на почетокот од следната година и во Саудиска Арабија – од стратешка и економска, трговска природа, а во Корча ќе биде отворен конзулат заради македонското национално малцинство во Албанија.

Тој за МИА најави дека по подолг период, кон крајот на август, ќе се одржи амбасадорски совет во Скопје, на кој сите наши амбасадори и генерални конзули ќе бидат во државата, каде ќе можат да слушнат од највисоките претставници на државата за позициите и приоритетите во следниот период.

Муцунски информира и дека ќе го придружува претседателот на Владата Христијан Мицкоски, кој ќе биде шеф на нашата делегација на Генералното собрание на Обединетите нации во септември.

Во последните месеци сведоци сме на експанзија на иницијативи во вид на нон пејпери за текот на проширувањето. Прво беше Самитот во Тиват, потоа двата нон пејпер, едниот на Мерц и Макрон, кој што предлага постепено интегрирање. Неодамна се појави нон пејпер на групата земји Пријатели на проширувањето, кој што е малку поинаков од првиот. Како ги коментирате сите овие документи?

-Ние како земја кандидат и земја од регион којшто колективно има за цел да пристапи кон членство во Европската Унија, се радуваме на фактот што политиката за проширување повторно добива засилено значење во рамките не само на институциите на Европската Унија, туку и кај земјите-членки. Тоа е многу значајно бидејќи еден подолг период сите зборуваа за проширување, но во пракса ништо не се работеше. Сега причините зошто дојде до тоа се од геостратегшка природа и се навистина жални. Руската инвазија врз Украина, руската агресија врз Украина наметна засилено значење на политиката на проширување. Но, независно од тоа како е дојдено до оваа ситуација, ние мораме како регион и поединечно како земји да ги користиме овие можности. Исто така, факт е и тоа што вие го кажувате дека во последниот период има, јас го нареков тоа хипер-продукција на нон-пејпери. Покрај овие документи има и други документи кои што излегуваат, иницијативи и на земји членки и на одредени институции, па и на тинк-тенк заедницата, кои што даваат мислења, ставови за како треба да се гради политиката за проширување, за таа да биде адаптабилна и на внатрешниот развој на Европската Унија во моментот, но и на различни сензитивности кои што постојат и кај земјите-кандидати и кај земјите членки, а кога е во прашање политиката на проширување.

Позитивното што треба ние да го гледаме е што сите јасно ни нагласија дека политиката за проширување нема да се димензионира на таков начин што овие процеси ќе се гледаат како алтернативи за проширувањето, односно останува моментот на полноправно членство за сите земји како кандидати, но политиката за постепено интегрирање да се модернизира за до моментот на полноправно членство да има одредени можности кои што ќе можат да ги искористуваат земјите кандидати. Тоа е вака упростено да кажеме, дискусија која што се случува. Ние ја сметаме истата за позитивна. Нашиот импут кога се бара го даваме, но крајната одлука секако не е кај нас. Ние не сме земја-членка на Европската Унија. Крајната одлука за сите овие прашања ја носат европските институции заедно со земјите-членки.

Се работи под радарот за да се најде решение да се отвори патот за преговори. Па кратко ќе ве прашам дали и кога можеме да очекуваме поместување?

-Од моментот кога е формирана оваа Влада, од 2024 година, од првиот момент ние работиме на решение, затоа што ќе повторам исто така нешто што често го кажувам, го немаме луксузот на време да чекаме некој друг да ги реши предизвиците кои што се поставени пред нас. Дали е фер што постојано се соочуваме со неправедни предизвици коишто се од билатерална природа? Не, не е фер, но имаме и реалност со која што треба да живееме.

Разликата помеѓу оваа Влада и претходните влади е што ние не сме подготвени за попустливост по прашања поврзани со идентитет, историја, јазик и култура и затоа ние често зборуваме за тоа дека има разговори. Ние не смееме да ги споделуваме деталите од тие разговори, бидејќи ако почнеме со јавноста да ги споделуваме, тогаш ги осудуваме на неуспех. Но, граѓаните треба да бидат спокојни дека нашата Влада јасно знае како го има добиено својот легитимитет, јасно го следи ставот на граѓаните во однос на ова прашање и има јасно нацртани црвени линии и позиции и прашања за кои што не е подготвена да преговара. Така што работиме на решение, но ќе повторам, не решение по секоја цена и не решение коешто само по себе нема да биде одржливо и коешто ќе создава ризици повторно да бидеме во оваа ситуација во која што се наоѓаме сега.

Во оваа насока дали иницирате средби со вашата бугарска колешка Велислава Петрова со цел враќање на довербата?

-Јас ја иницирав првата наша средба која што се случи во Шведска на маргините на состанокот на министри за надворешни работи на земјите членки на НАТО. Од наша страна нашата претседателка ја иницираше средбата која што се случи пред извесен период со претседателката на Бугарија, госпоѓа Јотова. И во иднина ќе продолжиме да иницираме средби, пред се, насочени кон отварање теми од билатерална природа. Имаме ние и прашања кои што треба да ги решаваме тековно, што не се единствено поврзани со деблокирање на нашиот евроинтеграциски процес. Во следните неколку месеци ќе постојат и повеќе можности ние да се сретнеме на различни мултилатерални формати, така што без никаква дилема ние ќе бидеме проактивни. Ние ќе работиме да се најде решение заедно со нашите европски партнери, но ќе повторам, не решение по секоја цена.

Евроамбасадорот Рокас минатата недела кажа дека земјава покажала капацитет за спроведување реформи, но оти за напредок меѓу другото се клучни три области, а меѓу најважните е владеење на правото. Како го оценувате напредокот во оваа област?

-Прво, јас би кажал дека нашата држава, посебно во последната година, има постигнато значителен напредок во делот на имплементација на реформската агенда и вие го споделивте ставот на амбасадорот на Европската Унија. Но и фактите говорат сами по себе, бидејќи има извештаи кои што ги подготвува Европската комисија, а државата добива и преку Планот за раст директно финансирање и за проекти, но и за директна буџетска поддршка врз основа на спроведени реформи. Така што не е субјективно моето гледиште дека ние сме успешни во имплентирање на реформите, туку објективно така не оценува и Европската комисија. И јас сум убеден дека ние и по завршувањето на овој извештаен период којшто помина пред неколку недели ќе останеме лидер, но исто така предизвици остануваат, а остануваат и приоритети кои што се определени за периодот којшто следи. Дел од тие приоритети се поврзани со областа владеење на правото, поврзани се со областа реформа на правосудниот систем, исто така, поврзани се и со областа на реформа на јавната администрација и тука се прават значителни напори за имплементација на тие реформи.

Но, во делот на реформата на правосудството и во делот на владеењето на правото, јас тука сакам да нагласам дека не е единствено тоа што може да го направи извршната власт, па не е единствено тоа што може да го направи и Собранието. Тука е споделена одговорност на тоа како оние закони кои што се носат на иницијатива на Владата, а коишто ги носи Собранието, како истите ќе бидат имплементирани од страна на правосудните институции.

Така што ние како Влада ќе работиме да создадеме најдобри возможни услови и во делот на финансирање на правосудството и во делот на потреба од засилување на кадрите коишто се потребни, и тука не зборуваме единствено за нов судски или обвинителски кадар, туку и за стручни соработници и за повеќе административен персонал. Ќе се носат соодветните закони, има точен план и навистина амбициозна агенда во Министерството за правда, но многу зависи и од сите други чинители во тој систем за тоа колку ќе бидеме успешни во делот на реформата на правосудството и подобрување на состојбите поврзани со владеењето на правото.

Да се врати довербата на граѓаните во правосудството…

-И затоа велам зависи од сите нас. Ние сме еден од клучните чинители како Влада, но ќе повторам, не сме единствен чинител и сите треба да бидеме на висина на задачата. Да соработуваме, да даваме забелешки кога се потребни, но исто така, да работиме и на имплементирање на сите овие мерки што се носат дел од нив во форма на закон, но дел од нив и во форма на стратегии што треба да се имплементираат и други правни документи.

Опозицијата обвинува дека се стагнира и дека нема напредок кон ЕУ. Но за одење напред во евроинтеграциите потребен е политички консензус, тоа го кажа и евроамбасадорот како еден од клучните услови. Дали е можно тоа да се постигне?

-Пред скоро точно пет години, на 29 јули 2021 ние во Собранието постигнавме политички консензус со резолуција поврзана со држaвните позиции поврзани со националниот интерес. Тука мислевме на идентитетски, историски и други прашања. Ако се сеќавате, скоро со консензус ја изгласавме таа резолуција, но тогашната влада на ДУИ и на СДСМ во рок од неколку месеци потоа го погази тој консензус. Инаку, ако ме прашувате дали ни е потребен консензус  одговорот е – да, без никаква дилема. Но, тука прво опозицијата мора да почне да живее во рамките на реалноста, а реалноста е дека нејзината попусливост и немањето капацитет далекусежно да се гледаат последиците од тоа што се случуваше во 2021 и 2022 година не доведе до оваа позиција до којашто сме сега. Имаат легитимно право, па јас би рекол скоро за се да дадат и критика и став. Тоа е и функцијата на опозиција во една парламентарна демократија, нели, да критикува, да дава инпут. Но, во делот на надворешната политика сметам дека тоа е областа каде што треба да се извинат на граѓаните за сите грешки кои што ги правеа во тој седумгодишен период од владеење и да дадат безрезервна поддршка на Владата за да може да ги поврати позициите на државата и да може да работи за создавање систем каде што конечно ќе имаме предвидливост по европскиот пат.

Дали државата назадува по европскиот пат? Легитимно е прашањето да го поделите на два дела. Прво е делот на тоа што правиме од стратешка природа во делот на внатрешните реформи. И евроамбасадорот кажа, но, ете, да не го парафразирам, најдобро е тие да ви дадат инпут, јас ќе ви кажам, ќе се види и последниот извештај што доаѓа на Европската комисија дека државата напредува во делот на реформите. Европската Унија нагласува дека како држава ја пофалува нашата стратешка определба – ние сме земја со целосно усогласена заедничка надворешна и безбедносна политика, земја која што прва во регионот потпиша партнерство за одбрана и безбедност со Европската Унија и земја која што знае каде ја води својата надворешна политика. Но, точно е, ни останува предизвикот со Бугарија. Вештачки создаден предизвик, меѓу другото, создаден заради тоа што две политички партии да се одржат на власт, попуштија сè што се бараше од нив и тоа работиме да го решиме. Во меѓувреме, дури да се реши ова прашање, ќе бидеме најдобриот возможен кандидат и сме на вистинскиот пат во таа смисла.

Целото интервју можете да го погледнете подолу