Силен поларен бран денеска донесе снежни врнежи на ниски надморски височини низ Нов Зеланд, што предизвика затворање патишта и училишта, како и нарушување на траектниот сообраќај, додека властите ги повикаа граѓаните да избегнуваат непотребни патувања.

Како што објави „Њу Зиланд хералд“, снегот наврна во делови од Јужниот Остров додека студениот временски систем се движеше низ земјата.

Полицијата ги повика жителите на јужниот град Данидин да не патуваат освен ако тоа не е неопходно, поради снегот и заледените коловози.

За повеќе главни патни правци беа издадени предупредувања за снежни врнежи.

Невремето го наруши и образовниот процес. Сите основни и пониски средни училишта, како и детските градинки во Данидин, во подрачјето меѓу Мозгил, Порт Чалмерс и Вајкуаити, останаа затворени. Настава не се одржа ниту во средното училиште „Ист Отаго“ во Палмерстон.

Временските услови дополнително се влошија во Куковиот Проток, кој ги раздвојува Северниот и Јужниот Остров, каде што силните ветрови го отежнаа поморскиот сообраќај.

Компанијата „Интерисландер“ откажа четири траектни линии меѓу Велингтон и Пиктон, додека „Блубриџ“ ги откажа сите шест пловидби предвидени за вторник и уште две утрински линии за среда.

Националната метеоролошка служба „МетСервис“ издаде и предупредување за високи бранови долж брегот Ваирарапа, јужно од Нгави, прогнозирајќи бранови со височина и до шест метри до раните утрински часови во среда.

Фото: Архива